1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бредли Менинг - предавник или херој?

Американскиот војник Бредли Менинг е обвинет за проследување документи и доверлива американска дипломатска преписка на интернет платформата Викиликс. Менинг беше уапсен во мај 2010, а неговото судење почнува денеска.

„Ако како 22 годишник од Оклахома се наоѓаш во Ирак, во мрачна просторија, каде гледаш лоши видео снимки од можни воени злосторства и својата загриженост им ја кажуваш на претпоставените, а тие ти велат: 'Сврти глава, не зборувај, оти твојот живот ќе биде непријатен ако и понатаму зборуваш за тие работи', тогаш не е тешко да се замисли дека еден човек на тоа ќе гледа како на целина и ќе помисли дека можеби би можел, иако само малку, да го смени светот на подобро“.

Вака Џеф Петерсон, член на групата „Храброст за отпор“, ја опишува ситуацијата на американскиот војник Бредли Менинг, обвинет дека во Ирак 2010 година проследил илјадници тајни владини документи, дипломатски депеши и видео-записи на основачот на платформата Викиликс Џулијан Асанж.

Тешки затворски услови

Bradley Manning Militärgericht Anhörung

Менинг го напушта воениот суд

Како и да одлучи судот во сојузната држава Мериленд, случајот Менинг допре до многу луѓе, и покрај слабото известување на етаблираните американски медиуми за неговиот случај. Го поддржаа повозрасни луѓе, кои веќе протестираа против Виетнамската војна, но и голем број млади приврзаници на Викиликс.

По неговото апсење во мај 2010 година, Менинг беше одведен во воениот затвор во Квантико, во Вирџинија. Таму беше контролиран секои пет минути. Принудуван бил да спие со лице свртено кон вклучена сијалица, а во текот на денот не смеел да се потпре на ѕид. Кога налутено ќе и' се обрател на стражата, му биле одземани очилата и облеката. Речиси еден милион луѓе потпишаа петиција за укинување на неговиот притвор во самица.

По меѓународната критика поради затворските услови во 2011 година Менинг беше префрлен во воен затвор во Тексас. Во март 2012 година, по 14 месечна истрага, специјалниот известувач на ОН по прашањата за мачење Хуан Мендез ја обвини американската влада за „страшен, нехуман и понижувачки третман“ кон Менинг.

Bradley Manning

Менинг има поддржувачи во целиот свет

Критичарите го портретираат Менинг како психички нестабилен и непромислен. Израснал во дисфункционално семејство и поради неговите 1,55 метри висина и 45 килограми тежина бил малтретиран, вели Роберт Тарнер директор на Националниот центар за безбедност при Универзитетот во Вирџинија. „Се разбира дека ми е жал поради тоа, но тоа не го оправдува за проследувањето на илјадници тајни документи“. Тоа било, вели Тарнер, како да марширате низ воена база и да фрлате рачни гранати низ прозорец.

И Адријан Ламо има свое мислење за Менинг. Познатиот хакер кој влезе во сметачките системи на „Њујорк Тајмс“, „Јаху“ и „Мајкрософт“, Менинг го контактирал преку интернет чет, додека бил стациониран во Ирак. Кога Ламо забележал дека го следи ФБИ, самиот се пријави. Критичарите сметаат дека потоа тајно работел за владата. Ламо го негира тоа, иако тој на крајот го пријави Менинг на властите.

Менинг сакаше да промени нешто...

Wikileaks Irak Bradley Manning

Викиликс: Цивили во Багдад кратко пред да бидат застрелани од американски хеликоптер

Менинг објасни дека станал војник за да заработи доволно за студии. Неговите познавања од компјутери беа многу ценети уште на самиот почеток. Во Ирак се чувствувал несигурно и се борел околу својата сексуална ориентација. „Многу сум изолиран - изгубив секаква емоционална поддршка - семејството, партнерот, блиски колеги. Целосно сум скршен“, му напиша Менинг на Ламо. „Во пустина сум со банда хипер-мускулести луѓе кои сакаат престрелки. Единственото сигурно место кое го имам е сателитската интернет врска.“

Џеф Петерсон, поранешен маринец, вели дека добро разбира што Менинг доживеал во војската „Бев единствен во одредот задолжен за атомски боеви глави. Доколку во Ирак нешто не тргнеше на добро, моја задача ќе беше да ги уништам сите со атомско оружје“, вели Петерсон за ДВ.

Петерсон беше првиот американско војник кој се спротивстави да се бори во ирачката војна. Тој беше затворен, а потоа и отпуштен од армијата.

На Менинг му е тешко. На неговиот бранител му кажал дека сака да заврши колеџ и да работи во јавниот сектор - тој сака нешто да придвижи. Како и да заврши неговиот процес - тоа можеби му успеа. „Важно е тоа да биде познато“, му напиша Менинг на Ламо. „Од некоја луда причина мислам, дека тоа навистина може нешто да промени“.