1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Браќа Манаки“ е на добар пат, но треба уште многу да се оди

Богатата и квалитетна програма е главниот адут на претстојниот 32. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ што свечено ќе биде отворен денеска (15.10.2011) во Битола.

default

Битола од 15 до 21 октомври ќе биде македонска филмска метропола

Од 15 до 21 октомври Битола ќе биде македонски и светски фестивалски центар кој на едно место ќе ги собере директорите на фотографија од целиот свет. Тие се ѕвездите на овој најстар фестивал во светот посветен на уметноста на филмската слика и нејзината естетика. Фестивалот ќе го отвори македонската премиера на американско- албанско-италијанската копродукција „Крвта што проштева“ на американскиот режисер Џошуа Марстон со македонскиот актер Рефет Абази во главната ролја. Филмот ја освои наградата Сребрена мечка за сценарио на годинешниот Берлински филмски фестивал.

Лауреати...

Berlinale 2011 Albanien Tristan Halilaj

Сцена од филмот „Крвта што проштева“ на американскиот режисер Џошуа Марстон, со кој ќе биде отворен годинешниот фестивал

Лауреати на годинешниот фестивал се италијанскиот кинематограф Данте Спиноти кому ќе му биде врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело и Бруно Делбонел, водечко име во француската и светската кинематографија, добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

„За ова 32 издание повторно одиме со истата формула и нудиме врвна програма и гостувања на најдобрите кинематографери“, вели Лабина Митевска, директор на фестивалот Браќа Манаки.

„Оваа година навистина можеме да се пофалиме со програмата филмови во конкуренција. Од филмовите во конкуренција за награди, во Битола ќе дојдат дури 70 % од директорите на фотографија. Ќе дојдат од секаде во светот. Вложивме многу напори. Некои од нив тукушто завршуваат со снимање на своите филмови па веднаш потоа ќе дојдат во Битола. Тоа се интересни имиња на директори на фотографија со кои нашата публика и новинарите можат да се сретнат.“

75 филмови - 8 програми...

Главната програма ја сочинуваат 10 нови филмски остварувања во изминатата година и учесници на најреномираните фестивали во Кан, Венеција и Берлин.

Во трката за фестивалските награди „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“, ривали ќе бидат директорите на фотографија на- меѓу нив и на најновото остварување на контроверзниот дански режисер Ларс фон Трир „Меланхолија“, турскиот „Беше еднаш во Анадолија“ во режија на Нури Билге Џејлан, ремек-делото на унгарскиот режисер Бела Тар „Коњот од Торино“, српскиот лауреат на многу светски филмски фестивали „Бел, бел свет“ на Олег Новковиќ.

Програмата „Нови визии“ ќе понуди 7 европски филмови на актуелни и жестоки теми,а документарната програма - 11 провокативни семејни приказни.

Фестивалот најавува и дополнителни содржини: сценаристичко катче на „Манаки“, изложба на стрип, презентација на студиото FX3X, омаж на аниматорот Боро Пејчинов.

NO FLASH Filmkamera

„Браќа Манаки“ идната година со три македонски филмови!

„Годинава нема македонски филм на програмата, но ќе има копродукции во кои македонски актери остваруваат извонредни улоги“, вели Лабина Митевска. Специјална проекција и македонска премиера ќе има ирско-македонската копродукција „Како да ме нема“ во режија на Хуанита Вилсон. Концепцијата на фестивалот е да прикажува премиери или регионални премиери- гласи ставот на организаторот на фестивалот. „Оваа година нема македонски филм, но затоа вгодина ќе имаме три“, вели Горјан Тозија, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија кое е организатор на фестивалот.

„Досега имаме информации дека сите три филма се многу квалитетни и дека неколку релевантни филмски фестивали како ’Санденс филм фестивал’ се заинтересирани за овие филмови. Меѓутоа, она што треба да се забележи е една несразмерност меѓу развојот на овој фестивал и нашата филмска продукција која не го следи овој фестивал. Но, и не мора. Но, кога веќе имаме Филмски фонд, Друштво на филмските работници и фестивал како овој кој служи меѓу другото и за промоција на македонската кинематографија, тогаш се очекува да бидат прикажани сите македонски филмови.“

Symbolbild Kino Film Filmstreifen

„Продолжи да гледаш“!

Враќањето на публиката и натаму ќе биде заложба на директорот на фестивалот Лабина Митевска и во овој втор мандат.

„Довербата во фестивалот е вратена. Исто така на фестивалот му недостигаше публицитет. За една година јас си заминувам, но сметам дека оној кој ќе го наследи фестивалот има добра основа за да го одржува ова ниво на квалитет. На добар пат сме, но треба уште многу да се оди.“

Пораката на годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е „продолжи да гледаш“ и уште еднаш ги потврдува идејата да го отвори филмското платно за новите релевантни филмски остварувања и амбициите на фестивалот да испише уште една приказна во своето долгогодишно постоење.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Александра Трајковска