1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Браќата Миладиновци - два века потоа

Годинава се навршуваат два века од раѓањето на Димитар Миладинов. Тој и брат му Константин, заедно со Прличев, се најпознатите македонски преродбеници од 19 век. Науката и натаму бара факти за нивното творешетво.

default

Струга слави два века од раѓањето на Димитар Миладинов

Се чини нема човек во Македонија што не ја знае „Т`га за југ“, дело на Константин Миладинов, а со тоа да не си приспомне за славните браќа од Струга, Димитар и Константин Миладинови. Тие заедно со Прличев, Шапкарев и Жинзифов се носители на македонската преродба во 19 век. Годинава се навршуваат 200 години од раѓањето на поетот и преродбеник Димитар Миладинов. Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга веќе ги започна свеченостите. „Со многу елан, емоции и љубов ние, писателите и уметниците, ќе им возвратиме на нашите предци, вели Разме Кумабароски, претседател на Здружението:

„Миладиновци за нас се срцето, најголемата отворена оаза. Нас стружани најмногу не доликува да патиме и мечтаеме за нивната болка, за која Константин велеше– да не зборува устата, остави го срцето да пее тоа како што ќе сака. Ова е година на Димитар Миладинов и ние ќе направиме најмногу. Годинава е важна не само за Струга туку и за Република Македонија.“

Миладиновци рамни на Иго и Гогољ

Razme Kumbaroski

Разме Кумбароски, претседател на здружението „Браќа Миладиновци“

Тоа што за Франција е Иго, за Русија Гогољ - за Македонија се браќата Миладиновци. Како показ за нивното постоење е и нивниот „Зборник“ составен од песни, преданија, легенди, умотворби и гатанки. Животот и делото на браќата Миладиновци се` уште не се целосно истражени. Во Истанбул, Москва, Загреб ќе бидат поставени нови спомен плочи во знак на сеќавање.

„Треба уште да се трага. Струга имаше дејци како покоен Петар Чакар, којшто ја откри дури и фотографијата на мајката на браќата, Султана, родум од Магарево – Битолско. Но се` уште не се расветлени деталите за нивниот живот во Москва, Истанбул...“, вели Разме Кумабароски .

Во Струга многу малку е направено за браќата Миладиновци вели потомокот Ристе Миладинов, кој е четврто колено од машката лоза на Димитар Миладинов:

„Тие се многу позначајни како македонски преродбеници, отворајќи македонски училишта на сопствен јазик и култура, отколку на поетското поле. Но, и тоа не смее да се запостави.“

„Фотографиите од Миладиновци се фалсификати“

Riste Miladinov

Ристе Миладинов тврди дека ги поседува вистинските фотографии од неговите предци

Во последно време се води и полемика околу вистинитоста на фотографиите, односно ликовите на браќата Миладиновци, што се сретнуваат во учебниците и медиумите. И додека во јавноста кружеа верзии околу вистинските ликови на браќата, нивниот потомок Ристе за „Дојче веле“ открива:

„Неколку години наназад водам битка преку медиумите во Македонија, докажувајжи ги оригиналните фотографии. За жал некој во државава се прави глув и се` уште ги користи фалсификуваните фотографии. Оригиналите постојат уште во статиите на Харалампие Поленаковиќ, Томе Саздов и во други научни дела. Мислам дека постои некоја пропаганда од надвор, поврзана со наша спрега од нашава држава“

Во јуни Струга ќе биде домаќин на Меѓународен собир на кој научниците, слависти и историчари и лингвисти ќе обелоденат нови детали од животот на Миладиновци, кои до смртта се бореле за доброто на својот народ.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев