1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Брахими: Скромен биланс на Сириската конференција

Двете завојувани страни во Сирија над една недела преговараа во Женева. Посредувачот на ОН и Арапската лига, Брахими, по Сириската конференција извлекува скромен биланс. Прашање е дали ќе има и втора рунда разговори.

Мировната конференција за Сирија под наслов Женева-2, претставува „многу скромен почеток, но сепак е почеток“, а во сирискиот конфликт „постои надворешно мешање“ на кое мора да се стави крај, изјави вчера (31.01) специјалниот пратеник за сирискиот конфликт на Обединетите нации и на Арапската лига, алжирскиот дипломат Лакдар Брахими, по завршувањето на првиот круг разговори меѓу владата и позицијата.

„Тоа е почеток кој може да се надградува“, изјави Лакдар Брахими, додавајќи дека разликите меѓу двете страни и натаму се големи, но и дека и натаму споделуваат „неколку заеднички точки“. „Нема сомневање дека нивните ставови се многу оддалечени едни од други, но треба да се фокусираме на позитивните елементи“, додаде специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН. Првиот круг од преговорите ќе продолжи по една седмица пауза со втора рунда доколку постои „политичка волја за пронаоѓање решенија“, вели Брахими. Сепак, според него, напредокот во разговорите останува мал“. Тој најави состанок на преговарачите на 10-ти февруари, со забелешка дека делегацијата на сириската влада прво треба да се консултира со официјален Дамаск за да се потврди споменатиот датум, додека опозицијата веднаш се согласила на новата средба закажана за тој ден.

Средбата на делегацијата на владата на претседателот Башар ал-Асад и на делегацијата на Националната коалиција на опозициските и револуционерни сили беше прв непосреден контакт и воопшто средба меѓу двете судрени страни од избувнувањето на граѓанската војна во март 2011 година.