1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Брахими: Директни разговори за Сирија, никој не отпатува

Со часови изгледаше дека мировната конференција во Женева е пред фијаско, но потоа посредувачот на ОН, Лакдар Брахими, излезе со позитивни вести: претставниците на власта и опозицијата денеска директно ќе преговараат.

Ниту делегацијата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, ниту сириската опозиција нема да ја напуштат мировната конференција, соопшти медијаторот во мировните преговори Лахдар Брахими, кој изјави дека делегациите на сирискиот режим и на опозицијата се согласиле денеска директно да преговараат.

„По дводневните одвоени средби со претставниците на сирискиот режим и на опозицијата договорено е денеска двете страни да се сретнат во иста просторија“, посочи Брахими.

Претходно, опозицијата одбиваше да се сретне со делегацијата на сирискиот претседател Башар ал Асад, сѐ додека таа не се согласи да го потпише протоколот „Женева 1“ од 2012. година, со кој се бара формирање на преодна влада.

Од друга страна, владината делегација се закануваше дека ќе ја напушти Швајцарија ако денеска не почнат „сериозни разговори“, додавајќи оти во Женева се преговара „за борба против терористите“, како и дека никој не може да го натера Асад да замине од власт.

Брахими најави дека негова цел е прво да разговара за практични политички чекори, како прекин на огнот, ослободување на затворениците и достава на хуманитарна помош до населението, пред да почнат тешките политички преговори.

Претставниците на сириската влада и на опозициската коалиција во егзил, првпат ќе се сретнат лице-в-лице од започнувањето на конфликтот во март 2011. година.