1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Братушек избрана за премиер на Словенија

Парламентот на Словенија го потврди кабинетот на премиерот Аленка Братушек. Претходната влада на Јанез Јанша падна на крајот на февруари, откако и’ беше изгласана недоверба во парламентот.

Новиот премиер на Словенија Аленка Братушек пред пратениците ја повтори својата намера повторно да го заживее стопанството во земјата, да го реформира банкарскиот систем и да избегне меѓународна финансиска помош.

Големо мнозинство

Централно-левичарската партија на Братушек Позитивна Словенија пред една недела постигна компромис со три други партии за формирање на владина коалиција. Од 88 присутни пратеници за коалиционата влада се изјаснија 52, додека 35 пратеници беа против, а еден беше воздржан.

Важното министерство за финансии ќе го преземе Урош Чувер од Позитивна Словенија. Најголемата партија во коалицијата имено доби пет министерства меѓу нив и ресорот економија. Три министерства добива либералната граѓанска листа, меѓу нив и министерството за внатрешни работи. Исто така три ресори добивааат и социјалдемократите и тоа министeрствата за труд, семејство и социјални прашања. Партијата на пензионерите презема две министерства.

Владата исправена пред огромни проблеми

Коалиционите партнери во Словенија стојат пред огромни проблеми, бидејќи на Словенија веќе со месеци и’ се заканува банкрот. Главен проблем се банкарскиот сектор, пензискиот систем кој неможе да се финансира, работничкото право како и предимензионираната државна индустрија.

Новата влада најави дека сака да отстапи од курсот на штедење на претходната влада и дека нивната политика е насочена кон поттикнување на порастот. Коалициониот договор постигнат пред една недела имено предвидува консолидација на буџетот, без притоа да се попречува економскиот пораст. Братушек, поранешен службеник во министерството за финансии се смета за експерт за буџетски прашања.

Стопанството на Словенија минатата година опадна за два проценти, а невработеноста се искачи на преку 12 проценти, највисоко ниво во последните 14 години. Словенечките банки исто така се соочени со проблемите поврзани со гнилите кредити во висина од седум милијарди евра.