1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бран критики на сметка на папата

Смее ли папа, по потекло Германец, да направи тежок превид и да рехабилитира бискуп, кој го негира холокаустот? Не само базата на Католичката црква, туку и највисоки црковни лица го критикуваат Бенедикт Шеснаесетти.

default

Спорна одлука на папата

Оној кој мислеше дека поглаварот на Католичката црква, Бенедикт Шеснаесетти, ќе ја искористи првата прилика за да даде каков и да е коментар и со тоа да ја намали штетата по угледот на црквата, многу се излажал. На традиционалната неделна миса во Ватикан, папата со ниту еден збор не ја спомна аферата со рехалибитирањето на британскиот бискуп Вилијамсон и неговите собраќа од отпадничкото „Пиово братство“.

Папата како да не го засега засилувањето на критиките на неговата одлука. А нив ги има се’ повеќе и доаѓаат од се’ повисоки великодостојници на Католичката црква. Германскиот кардинал во Папската Курија, Валтер Каспер, призна дека станува збор за грешка на Светата столица.

Richard Williamson

Британскиот бискуп Ричард Вилијамсон ги разбранува духовите

„Сосема сигурно се направени грешки во менаџментот на Куријата“, изјави Каспер синоќа во интервју за Радио Ватикан и се пожали дека има недостаток на комуникација меѓу разните служби. При тоа ги спомна и другите слични грешки на папата, како на пример спорниот цитат во говорот од Регенсбург, што го крена на нозе целиот исламски свет.

Остри зборови од Германија

Особено остри реакции доаѓаат од Германија. Надбискупот од Хамбург Вернер Тисен дури се дистанцираше од решението на папата: „Да се рехабилитира некој, кој го негира холокаустот, тоа е секогаш погрешна одлука“, нагласи Тисен :

„Колку што можам да видам, морало претходно да биде јасно какви изјави давал спомнатиот бискуп.“

Кардиналот Леман, до неодамна претседател на германската Бискупска конференција, побара извинување од Ватикан:

„Мора да има извинување за вакво нешто и тоа од високо место во Светата столица. И второ, мора да стане апсолутно јасно дека ова е неспоиво со консеквентниот дијалог што Католичката црква го води со Евреите во изминатите 50 години!“

Kardinal Lehmann Gottesdienst Abschied

Кардиналот Леман бара извинување

Реагираат и верниците

Силна критика доаѓа и од црковната база. Дирк Тенцлер од Здружението на младите католици во Германија оцени:

„Овие одлуки на папата Бенедикт последните денови извршија многу негативно влијание врз имиџот на Црквата, така што е многу тешко да се уверуваат луѓето во вредноста на верата.“

Од она што до сега може да се дознае за текот на настаните во Ватикан и за потеклото на грешката, станува збор за кардиналот Кастрилон Хојос, кој сакал да ја круниса кариерата, што наскоро ќе ја заврши, со вакво сензационално помирување со конзервативните бискупи од Англија. И при тоа очигледно некој не водел доволно сметка за историскиот товар што го носат екскомуницираните бискупи. Грешката е дотолку поголема што тие од своја страна воопшто не покажуваат никакви знаци на помирливост или каење, туку напротив велат дека сакаат да го сменат ставот на Ватикан.