1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бран даночни рации во Германија

Луѓе на државното обвинителство и на даночната полиција ширум земјата бараа докази за затајување данок. Според досегашните информации, не е платен данок во износ од три милијарди евра.

default

Рации против даночни грешници имаше во околината на Минхен, Улм, Франкфурт и Хамбург. Локалните власти биле информирани за акцијата, но надлежно е, сепак, државното обвинителство во Бохум, кое е сепцијализирано за стопански криминал. Неговиот портпарол вчера не сакаше да даде никаква информација за акциите.
За време на викендот се наѕираа претстојни рации. „Зидојче Цајтунг“ напиша дека неделава треба да се извршат 125 рации. Сојузното министерство за финансии во петокот соопшти дека властите водат истрага за даночни грешници кои ги има во четирицифрен број - меѓу нив и познати личности и луѓе на функции.
Даночните грешници можат да се пријават сами
Портпарол на министерството за финансии во петокот од тие што затајувале данок побара самите да се пријават. Досега не е познато дали и колку лица што се на листата на затајувачи на данок тоа и го сториле. Истражните органи искажаа незадоволство поради ваквиот повик, поради тоа што даночниот обврзник, доколку самиот се пријави дека не плаќал данок, под определени околности може да се извлече без да биде казнет.
Критика е упатена и на начинот на кој што истражните органи стигнале до податоците за затајувачите на данок. Лицето што им дало информација на тајните служби, веројатно касирало над четири милиони евра. Според германската влада, на тајната служба информациите и‘ биле дадени без таа да го побара тоа. Според други информации, пак, тајната служба наводно со години ги набљудувала банките во Лихтенштајн, каде даночните грешници вложувале пари без за тоа да платат данок во Германија. Утре (21.02.2008) на седница на парламентарната комисија за контрола на Бундестагот, на дневен ред е улогата на тајната служба БНД во даночната афера.