1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бран банкроти на фирми во Италија

Италија е во криза, политичка и економска. Последиците директно ги чувствуваат стопанствениците - секој ден затвораат стотици мали претпријатија.

Освалдо Перакија ретко излегува од дома. Многуте затворени продавници долж улиците го потсетуваат на неговата судбина. Во јануари добил писмо од фирмата во кое му било соопштено дека таа пријавила стечај. Оттогаш работи со скратено работно време и добива помала плата.

„За кирија плаќам 400 евра месечно, а платата ми е 600 евра. Јасно е дека имам и други трошоци“, вели Освалдо Перакија.

Платата му била наеднаш скратена на половина - и тоа по долгогодишна верност на фирмата. Тој не го обвинува својот работодавач:

„Мојата фирма е основана пред 117 години. Не е можно таква фирма да банкротира. Уште имам трошка верба дека нема да пропадне.“

Фирмата „Рицоли“ во Болоња е едно од водечките претпријатија на полето на медицинско-техничка ортопедија, а сепак сега е банкрот!

Таа повеќе од 100 години произведува ортопедски помагала. Нејзини главни муштерии се државни институции, како болници и јавни установи. Тие веќе со месеци не ги плаќаат сметките. Во моментов државата и‘ должи на фирмата „Рицоли“ 15 милиони евра. Иста судбина како Рицоли доживуваат десетици илјади фирми во Италија. Државата вкупно им должи најмалку 91 милијарда евра.

Пјералберто Џулијани со години е одговорен за производствениот процес во „Рицоли“. Тој за многу нешта ја обвинува државата:

„Речиси целиот наш приход доаѓа од државни институции. Цените на нашите производи се законски определени. Тие не се зголемени уште од 1999 година, а материјалните трошоци растат. Освен тоа, тука се и даноците. Тие се важни, но не би требало да бидат толку високи. Сето тоа заедно за нас значеше крај.“

Italien Wahl 6

Државата доцни со плаќање, фирмите банкротираат

Судбината на фирмата се решава деновиве - или ќе се најде купувач, или вработените, како Освалдо Перакија, ќе бидат отпуштени. Главниот проблем за банкротот, според Алесандро Маестрини, раководител на фирмата, е во неверодостојноста на државата: „Најголемиот проблем е што државата доцни со плаќање. Долговите понекогаш се отплаќаат дури по 1, 4 или 6 години, а тоа има големо значење кога станува збор за сума од 15 милиони евра што државата ни ги должи.“

До неодамна претпријатието се одржувало со краткорочни кредити, но сега веќе и тоа го нема. Има и многу други примери како фирмата „Рицоли“: „Поради кризата и рецесијата банките ги намалија можностите за доделување кредити за приватните фирми. Поради финансиската криза во која се најдовме, не можевме да им плаќаме на лиферантите. Нашите долгови кон нив секојдневно растат“, вели Маестрини.

Претпријатието ним им должи 1 милион евра. Многу големи фирми во Италија веќе не можат да ги платат сметките што им ги доставуваат лиферантите - должнички синџир со фатални последици за малите и средни претпријатија. Само минатата година биле затворени 365.000 фирми.

Последната искра надеж за раководителот на „Рицоли“ е најавата од владата дека на приватните фирми ќе им биде платено барем половина од она што им го должи државата. За „Рицоли“ веројатно ќе е предоцна.

И Освалдо Перакија е разочаран од политиката. На последните избори веќе не излегувал на гласање: „Бев многу лут за време на последните избори. Нашите политичари мора да направат повеќе за нас. Највисок приоритет на политиката би морала да биде сигурноста на семејството и работата.“

Тој со вчудовиденост го набљудуваше политичкиот хаос во процесот на составување нова влада. Јасно му е дека ќе мора уште долго да биде трпелив додека не се појави политичар кој ќе се погрижи за неговите проблеми.