1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бранот насилство во Ирак шири страв

Теророт ги демне Ирачаните насекаде: во кафетерија, при купување или во џамија. Со месеци речиси секојдневно експлодираат бомби. Жртви се претежно шиити. Кај народот растат фрустрацијата од неизвесното секојдневие.

На Абу Самер му е преку глава - 64-годишниот маж е очаен: „Ситуацијата во Ирак нема веќе да се подобри“. Тој живее во Шааб, шиитско предградие на Багдад. Во саботата овде во две експлозии на автомобили - бомби загинаа осум луѓе.

„Не му верувам на ниеден наш политичар. Тие многу ветуваат, но резултат на нивната политика е теророт“, вели Самер.

Насилството во Ирак од почетокот на оваа година повторно видно се зголеми. Само во јули во напади беа убиени над илјада луѓе, меѓу кои многу деца и жени. Напаѓачите поставуваат бомби на пазари, покрај ресторани и верски објекти, или се разнесуваат во воздух во забавни паркови или детски игралишта. За време на празничниот месец Рамазан минатата сабота во Багдад во еден ден експлодираа 16 автомобили-бомби. И тогаш најголем дел од жртвите беа од шиитското малцинство.

Муслимани против муслимани

Зад мнозинството напади стојат сунитските бунтовници. Некои групи ги напаѓаат пред се‘ силите на безбедноста. Некои пак не прават никаква разлика меѓу цивили и војници и полицајци. Посебно брутално постапува „Движењето на исламската држава Ирак“, ирачки огранок на Ал Каеда. Нивната цел е да шират страв кај народот. Шиитите треба да се чувствуват несигурни „ден и ноќ“, објави организацијата по најновата серија напади.

Bildergalerie Irak Religionsgruppen

Брзи постапки за наводен тероризам

„Ал Каеда е копјаникот на насилниот бунт на сунитите“, истакнува Гидо Штајнберг, експерт за Ирак во фондацијата Наука и политика. „Оваа организација во минатите месеци во Ирак регрутираше нови борци, целта на Ал Каеда е разгорување граѓанска војна меѓу сунитите и шиитите, која треба да доведе до основање држава под сунитска доминација“, вели Штајнберг.

Но, Ал Каеда не го претставува целокупното сунитско население, истакнува тој. Многу сунити на мирен начин се спротиставуваат на политиката на владата на шиитскиот премиер Нури ал-Малики.

Борба за превласт во Багдад

Заднина на ескалацијата на насилство во Ирак е со години нараснуваната борба за власт меѓу шиитите и сунитите. Премиерот Малики се обидува да воспостави диктатура на штета на сунитите, објаснува Штајнберг.

„Сунитите се бранат од изолирањето“. Уделот на арапските сунити во ирачкото население изнесува околу 20 проценти, додека шиити има околу 60 проценти.

Кога шиитот Малики стана премиер во 2006 година, најави надконфесионална влада: „Министерствата и министрите не се сопственост на премиерот, тоа значи, не мора да ги поставува врз основа на нивното потекло, етничка или верска припадност“.

Во текот на годините меѓутоа Малики се‘ повеќе се претвора во автократ. Формално, постои влада од шиити, сунити и Курди. Но, сунитските претставници систематски се развластувани, критичарите ги гони судството. Сунитскиот заменик-премиер Тарик ал-Хашеми мораше да побегне, зашто по него беше издадена потерница поради тероризам.

Насилство и противнасилство

Малики брутално ги задушува протестите на сунитите. Во април 2013 година тој нареди напад врз местото Хавиџа, центар на мирниот отпор на сунитите. Убиени беа над 40 луѓе.

Irak FallujaAnti-Regierungs Demo

Антивладини протести во Фалуџа

Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч го критикува „драконскиот начин“ на однесување на силите на безбедноста: осомничените се мачени, се изнудуваат признанија, пресудите се изрекуваат врз основа на тајни сведочења. Наводните сунитски терористи се екзекитираат, без да бидат објавени деталите за нивните злосторства.

Прекршувања на човековите права во актуелната клима на насилство вршат сите: сунитските бунтовници, шиитските милиции и органите на безбендоста навладата, вели Џо Сторк, експерт за Ирак од Хјуман рајтс воч.

„Секој се правда со насилството од другата страна“. Затоа владата мора да преземе нешто зада ја запре спиралата на насилство.

Мрачна перспектива за Ирак

25.04.2013 DW Quadriga Studiogast Guido Steinberg

Гидо Штајнберг

Гидо Штајнберг меѓутоа очекува спротивно: „дека владата ќе се обиде да ги реши проблемите со локалните вообичаени методи, значи со брутално насилство. Затоа, во следните години не треба да се очекува смирување во Ирак“.

Премиерот Малики и шиитските партии кои го поддржуваат не се подготвени да ја делат власта со сунитите или секуларно ориентираните сили. Дури и САД имаат мали можности да влијаат врз Малики.

„Американското влијание рапидно опадна во послендите години, додека иранското значително се зголеми“, вели Штајнберг.

„Ако се сака влијание врз Ирак, веројатно би требало да оди преку Техеран, а за западните политички актери тоа во моментов е невозможно“.

И 64-годишниот Абу Самир е песимист. Тој не верува во брз крај на насилството меѓу верските групи. Земајќи ги во предвид речиси секојдневните напади во родниот Багдад, Самер се плаши за својата фамилија. Затоа, тој најрадо своите синови би ги пратил преку морето, „далеку од она што се случува во Ирак“. Но, и тоа е полесно да се рече отколку да се направи.