1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бранот азиланти од Македонија и Србија видно намален

По повеќемесечниот раст на бројот на баратели на азил од Србија и од Македонија во Германија, состојбата кон крајот на годинава видно се смирува. Сојузниот завод за миграција зборува за промена на трендот.

Силниот пораст на бројот бегалци од Србија и од Македонија стивнува. Кон крајот на оваа година бројот баратели на азил во Германија од овие две земји е силно намален, истакнува претседателот на Сојузниот завод за миграција и бегалци, Манфред Шмит во разговор за агенцијата ДПА.

„Постои промена на трендот, која јасно се огледува во бројките“, вели тој.

Според податоците на Шмит, во неделата од 5. до 11. декември азил во Германија побарале само 240 Срби и Македонци. Со тоа бројката на новодоставени и барања во процедура и натаму се намалува. Во споредба со последната недела од октомври изнесува „само една петтина“, соопштува шефот на службата од Нирнберг во привремениот биланс за состојбата со бегалци во 2012. година. И бројот бегалци од останатите балкански држави е намален. Во првите 11 месеци од оваа година азил во Германија побарале 8163 Срби и 4433 Македонци (сите новодоставени барања).

Infografik Asylerstanträge Deutschland 2012

Бројките говорат сами за себе

Состојбата е подобрена и со тоа што во последниот квартал се‘ повеќе баратели на азил доброволно се вратиле во своите татковини.

„Така бројот на доброволно вратени баратели на азил од 224 во октомври, порасна на 716 во ноември“, вели Шмит, повикувајќи се на Меѓународната организација за миграција. Само бројот на Македонци кои доброволно се вратиле во својата земја во ноември е четирипати поголем, достигна до 429.

Вкупниот број баратели на азил во 2012 година до крајот на ноември е покачен за 43,3 проценти, на 59. 441. Порастот делумно оди на сметка на бегалците од балканските земји, пред се‘ Србија и Македонија, но тенденцијата бележи пораст и од другите земји, вели Шмит.

Посебно зголемен број бегалци во Германија има од Сирија, во 95 проценти нивните барања за азил се позитивно одговорени.