1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Брамерц најавува жалба!

Обвинителството на Хашкиот трибунал е изненадено со ослободителните пресуди за Јовица Станишиќ и Франк Симатовиќ и најви жалба пред Апелациониот совет. Истовремено Брамерц ги отфрла инсинуациите за „политички фактори“.

Никој не очекуваше дека главниот обвинител на Трибуналот во Хаг ќе биде задоволен, откако минатата седмица им беше изречена ослободителна пресуда на Станишиќ и Симатовиќ, иако такви одлуки „со кои лично не бил задоволен“ досега имаше повеќе. Серж Брамерц вели дека последните шест месеци веројатно му биле „најтешките“, најнапред поради одредени одлуки на судот, кои фундаментално ги променија како правните толкувања, така и перцепцијата на Трибуналот.

Така се оценува дека во работата на Трибуналот постоеле многу „контроверзни одлуки“, почнувајќи од случајот со хрватскиот генерал Анте Готовина, преку случајот со генералот на Војската на Југославија Момчило Перишиќ, па до последните ослободителни пресуди за Јовица Станишиќ и Франк Симатовиќ. Обвинителството вели дека во последниот случај биле претставени доволно јаки докази за поинаква, осудувачка пресуда. 

„Внималтено ја проучуваме одлуката. Нашето незадоволство е многу јасно и не сметаме дека таа ги одразува доказите кои ги претставивме. Истовремено ние сме страна во овој процес, мораме да ја прифатиме одлуката за која одговорност носи судот. Единствено што можеме да сториме е да поднесеме жалба и тоа најверојатно ќе го сториме“, рече Брамерц.

Се' потешко е да се докаже командна одговорност

Brammertz Sarajevo

Обвинителот Серж Брамерц најавува жалба на пресудата

Генералот на Војската на Југославија Перишиќ, како и шефовите на поранешната служба за Државна безбедност на Србија, Станишиќ и Симатовиќ, против кои беше подигнато обвинение за помагање и поттикнување на страни од конфликтот (со сознанија дека на терен се спроведуваат злосторства), се ослободени со образложение дека директното издавање на наредба било неможно да се докаже „што е дополнителен елемент, кој како резултат има потешко или речиси невозможно докажување на поттикнување и помагање во извршување на воени злосторства“, го изнесува Брамерц своето гледање додавајќи дека така на удар на правдата се’ помалку ќе се најдат организатори во однос на непосредните сторители на злосторства.

„Мислам дека не е добро што сето ова се случува при крајот на работата на Трибуналот, бидејќи на луѓето им е тешко да сфатат како е можно судиите едногласно или со мнозинство гласови да осудат некого на 24 или 27 години и тоа по процес на судење од две - три години, а потоа, по жалбениот процес од неколку часа, целосно да ја сменат одлуката и тоа во важни и деликатни случаи“, додава Баремерц.

Без правда нема помирување

Обвинителот на Хашкиот трибунал, кој во Брисел учествуваше во дебата која се однесуваше на улогата на тој суд и правдата во процесот на помирување на Балканот, смета дека помирувањето е долг процес и дека многу обвинети, па и осудени во Хаг, во своите заедници и натаму се третираат како херои.

„Не е реално обвинителството да биде тоа кое само може да постигне помирување во регионот. Но, и покрај сите критики и проблеми силно верувам дека судењето на воените злосторници е предуслов за помирување. Ако нема одговорност за сторените злосторства тешко е да се тргне напред и да се говори за помирување, особено што некои од последните пресуди ги отежнаа работите, а не ги направија полесни“.

Серж Брамерц нагасува дека на Трибуналот му остана да пресуди во два можеби најважни процеси - за случаите Караџиќ и Младиќ, а на прашање на ДВ како гледа на обвинувањата на некои официјални лица од регионот дека Трибуналот се раководи повеќе од политика отколку од правда, Брамерц вели дека не е во прашање политика, туку дека сме сведоци на различни интерптретации на правните критериуми и дека борбата мора да продолжи на полето на правдата.