1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бразил и Мексико реагираат на шпионирањето од САД

Владите во Бразил и Мексико реагираа до Вашингтон откако беше откриено дека нивните највисоки државни претставници биле шпионирани од американските служби.

Бразилската влада упати осуда до американските власти за програмата за следење комуникации, за која беше соопштено дека директно ја шпионирала бразилската претседателка Дилма Русеф. Таа ја оквалификува програмата како „неприфатливо кршење“ на суверенитетот и повика за меѓународни правила за заштита на граѓаните и владите од сајбер- шпионажа. Според локални медиуми, Русеф најверојатно ќе ја откаже посетата на САД во октомври. Бразилското МНР го повика американскиот амбасадор Томас Шанан при што побара брзо писмено објаснување од Белата куќа во врска со тврдењата за шпионажа.

Министерот за надворешни работи Луис Алберту Фигејреду изјави дека Бразил има намера да разговара со партнерите од БРИКС за можни заеднички акции за заштита од американската електронска шпионажа.

И владата на Мексико побарала од американската влада да „спроведе детална истрага“ за податоците за следење мексикански граѓани од страна на Агенцијата за национална безбедност. Тој став бил искажан пред американскиот амбасадор кој бил повикан на разговор во мексиканското МНР. Мексиканските власти објавија дека се запознати со медиумските извештаи за наводна шпионажа на САД врз мексикански граѓани.

„Владата на Мексико одлучно осудува какви било форми на следење Мексиканци бидејќи тоа е непочитување на меѓународното право. Такви активности се во спротивност со Повелбата на ОН“, се вели во соопштение на мексиканското МНР.