1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бразил во трка со времето пред Мундијалот

На шест месеци пред почетокот на Светското првенство во фудбал, само 6 од вкупно 12 стадиони се подготвени. По смртоносниот инцидент во Сао Паоло, Бразил е соочен со жестоки критики поради забавените подготовки.

Тоа е трка со времето. По трагичниот инцидент на стадионот Итакеро во Сао Паоло во средата (27.11) се множат сомнежите во подготвеноста на надлежните да ги завршат работите околу новите стадиони за Мундијалот кој започнува на 12 јуни.

Не само што градбата е далеку поскапа од првичните пресметки, туку е и многу бавна. „Загубивме речиси три години договорајќи се во кои градови да ги градиме стадионите. Сега сме притиснати од времето и тоа носи многу проблеми, но и инциденти како последниот“, вели Агостињо Гуериро, претседател на регионалната асоцијација на инженери во Рио де Жанеиро.

Двајца работници загинаа во несреќата во Сао Паоло, до која дојде откако се урна еден од крановите врз покривната конструкција на стадионот.

Од 4. до 6. декември ФИФА одржува конференција во Бразил, за време на која треба да бидат извлечени групите за првенството, но ќе се дискутира и за безбедноста на работниците како и за пролонгирањето на роковите за изградба на стадионите.

Stadien Fußball WM 2014 Brasilien Estádio do Maracanã Rio de Janeiro

Стадионот Маракана во Рио де Жанеиро

Стадионот Итакеро во Сао Паоло беше предвидено да биде завршен овој месец и потоа да биде извршена инспекција од ФИФА. Но сега работите се комплицираат, а тој стадион ја дополнува долгата листа од градови како Куритиба, Порто Алегре, Натал, Манаус и Куиаба, каде има што многу работа.

Од планираните 12, досега се комплетирани половината од стадионите, меѓу нив и реновираната Маракана во Рио, како и оние во Бело Хоризонте, Фортлеца, Салвадор, Ресифе и Бразилија. Тешко е да се очекува дека ќе биде испочитуван рокот до 5. јануари кој ФИФА го постави како последен за проверка на стадионите.

Најкритична е состојбата во Куритиба, каде е завршена само околу 75 проценти од изградбата на новиот стадион.

Бројни проблеми

Изградбата на стадионите од самиот почеток се соочуваше со големи потешкотии. Поројни дождови, штрајкови и пожари предизвикуваа прекини во работата. Правните спорови и проблемите околу исплатата на средства кои одат преку Банката за развој на Бразил, беа само дополнителни пречки.

Целиот проект притоа, претставува огромен товар за граѓаните на земјата.

Brasilien Bildung Proteste

Протести против инвестиците за СП

Според министерството за спорт, трошоците достигнаа 2,6 милијарди евра, наместо првично планираните 1. милијарда во 2007. година.

За време на одржувањето на Купот на конфедерациите во јуни годинава, Бразилците излегоа на масовни протести против огромните трошоци. Тие бараа парите да се насочат кон образованието и здравството, наместо на скапи стадиони. Според нив, овие инвестиции не им помагаат на обичните Бразилци, туку само на градежните компании.

Но протестите не променија ништо. Работата на изградбата на стадионите продолжи со несмалено темпо, а се очекува и да биде забрзана, што ќе чини дополнителни средства. „Трката со времето чини многу пари. Ќе треба да бидат вработени уште луѓе. Најверојатно ќе ги исполниме роковите, но тоа нема да се случи без владата да одобри екстра средства од буџетот“, вели Агостињо Гуериро.