1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бразилците го нападнаа регионалниот парламент

Во Бразил се шират социјалните протести. Најголемиот дел од протестите минува мирно, но има и безредија Во Рио де Жанеиро демонстрантите нападнаа владин објект.

Протестите важат за едни од најголемите во историјата на Бразил и се случуваат токму во време на одржување на фудбалскиот Куп на конфедерации, кој важи за генерална проба пред Светското првенство наредната година. Ноќеска (17/18.06) над 200.000 луѓе во повеќе од десет градови ширум земјата учествуваа на мирни демонстрации. Протестите прво беа израз на незадоволство поради зголемувањето на цените на превозот во јавниот сообраќај, но во меѓувреме се насочени против корупцијата во земјата и издатоците на владата за претстојниот спортски настан, тешки милијарди евра.

Во Рио де Жанеиро дојде и до насилство. Демонстрантите го нападнаа Регионалниот парламент. Тие фрлаа со камења и ги пробиваа блокадите кои спречуваат пристап до објектот. На телевизиски снимки можеа да се видат и маскирани лица кои во близина на парламентот палат автомобил. Според медиумски информации, во внатрешноста на парламентот имало околу 80 полицајци задолжени за обезбедување на зградата. Претседателот на парламентот Пауло Мело зборуваше за „акт на тероризам“. Наспроти тоа, демонстрациите на десетици илјади луѓе во Авенида Рио Бранко минаа сосема мирно.

Протести имаше и во други градови. Во Сао Паоло на улиците, според медиумски извештаи, излегле околу 60.000 луѓе. Стотици демонстранти во Бразилија успеаја да заземат дел од покривот на Националниот конгрес.

Големи настани и покрај социјалните проблеми

Во судирите на демонстрантите и полицијата во главниот град Бразилија пред два дена беа повредени најмалку 33 лица. Полицијата растури демонстрации на околу илјада луѓе, насочени против организирање големи меѓународни настани, Демонстрантите се движеа во насока на стадионот, каде подоцна се одигра првата средба од Купот на конфедерации. Наредната година Бразил е домаќин на светското фудбалско првенство, а две години потоа тука се одржуваат Олимписките игри. Само за СП во фудбал Бразил смета со трошоци од околу 11 милијарди евра.