1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бразилскиот министер „се сопна“ на „аферата Боливија“

Аферата со помошта пружена на боливиски опозициски политичар, кој се криеше во бразилска амбасада, шефот на бразилската дипломатија Патриота ја плати со функцијата. Неговата оставка треба да ја смири гневната Боливија.

Бразилскиот министер за надворешни работи Антониу Патриота поднесе оставка, по дипломатскиот скандал со Боливија. Оставката беше прифатена од претседателот Дилма Русеф, а за нов министер за надворешни работи е назначен Луис Алберту Фигејреду, кој досега беше претставник на Бразил во Обединетите нации.

Од бразилската амбасада во Ла Паз во саботата тајно беше изнесен опозицискиот сенатор Роџер Пинто Молина, кој се криеше во мисијата повеќе од една година. Во операцијата за префрлување на сенаторот, кој побарал азил во Бразил, учествувал бразилскиот амбасадор и двајца маринци од обезбедувањето на дипломатското претставништво.

Заедно со Молина со два автомобили со дипломатски регистерски таблички тие поминале над 1.500 километри на боливиска територија, а по преминувањето на бразилската граница се качиле во приватен авион, за да стигнат до главниот град Бразилија. Бразилскиот дипломат Едуардо Сабоиа во настапот на телевизија „Глобо“ призна дека му помогнал на боливискиот сенатор да се спаси од прогонот, истакнувајќи дека тоа го правел на своја рака. Патриота вчера изјави дека не знаел ништо за оваа операција. По оставката тој ќе биде амбасадор на Бразил во ОН.

Во Боливија случајот предизвика големи бранувања и незадоволство. Подршката на противник на претседателот Ево Моралес е против сите меѓународни правила, беше истакнато. Во упатената дипломатска нота во врска со случајот се вели дека „боливиската влада изразува длабока загриженост“ за акцијата.

Молина тврди дека боливиските власти го следеле, бидејќи се обидел да објави информации за корупцијата и врските со наркомафијата во боливиските владини кругови. Тој доставил барање за азил образложувајќи го со „политичко прогонување“ од страна на боливиската влада. Бразил го одобри азилот, но сенаторот не смееше да ја напушта амбасадата. Целиот случај доведе со дипломатски тензии меѓу двете соседни држави. Владата во Ла Паз укажува на постоењето на повеќе судски тужби против Пинто за корупција. Тој веќе беше и осуден на една година затвор поради проневера за време на мандатот како гувернер во провинцијата Пандо.