1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

БП гo „пере“ морето со прашок за садови

И по еден месец од хаваријата на платформата во Мексиканскиот залив, „Бритиш Петрол“ не успева да ги спречи огромните штети кои нафтата ги предизвикува на копно. Властите во Вашингтон реагираат се‘ понервозно.

default

Брегот ја впива нафтата

Официјален Вашингтон се закани дека ќе го преземе управувањето со акцијата за затворање на нафтениот извор во заливот. Американскиот министер за внатрешни работи Кен Салазар, пак, утрово изјави дека не е сигурен оти надлежните од „Бритиш Петрол“, воопшто знаат што прават.

Нафтата која се излева по експлозијата на нафтената платформа на „Бритиш Петрол“, на 22 април годинава, веќе направи огромна штета на брегот на американската сојузна држава Луизијана.

„Акутните последици врз живиот свет се многу тешки. На пример, птиците се облепени со нафта, па се обидуваат да си ги исчистат пердувите и така се трујат. Крајбрежната трева и дрвјата исто така се загрозени. Коренот на дрвјата е делумно над водата, па откако ќе биде обвиткано од нафтата, нема повеќе кислород и пропаѓа“, вели Јерг Федерн, биолог и експерт за нафта во организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“.

Ölpest / USA / Golf von Mexiko / BP / NO-FLASH

Се‘ уште никој не може да ги процени целосните размери на катастрофата која го зафати заливот

Тој предупредува дека чистењето на брегот е многу тешка работа.

„Се работи за многу разгранети делти на реките, за растителниот свет, од каде е невозможно да се отстрани нафтата, туку мора да се чека таа да се разгради по природен пат. Тоа е процес кој може да трае со години, па и векови“.

Сепак, не се сите експерти толку големи песимисти. Професорот Лоренц Шварк, геохемичар од универзитетот во Кил, укажува на можноста за регенерација на еко-системот.

„Во бројни случаи, регенерацијата се одвива многу брзо. По кризата во Ирак, кога се сметаше дека делови од морето и брегот кои беа загадени нема да се опорават со децении, веќе денес на тие подрачја имаме статус-кво“.

Ни прашокот не е безопасен

За да го спречат загадувањето на брегот, американските власти најпрво му дозволија на концернот БП нафтата да ја разредува со хемикалии. Тие ја разложуваат нафтата на ситни капки, кои потоа исчезнуваат од морската површина и продолжуваат да пливаат меѓу површината и дното.

Еден од менаџерите на фирмата, Боб Дадли е многу задоволен од „корекситот“- средството кое се користи за разградување на нафтата.

„Тоа е потполно безопасно средство. Еден вид прашок за садови, кој не е токсичен и биолошки се разградува“, вели тој.

Superteaser NO FLASH Ölpest Golf von Mexiko

Нафтата која се излева по експлозијата на нафтената платформа на „Бритиш Петрол“, на 22 април годинава, веќе направи огромна штета на брегот

Но, еколозите, како Јерг Федерн, на тоа гледаат поинаку:

„Прашокот за садови воопшто не е безопасен, бидејќи знаеме дека процесите на неговото разградување се отровни. Да се случеше вакво нешто на германскиот брег, властите никогаш не би дозволиле употреба на вакви средства, бидејќи штетата би била поголема од ползата.“

Во меѓувреме употребата на оваа хемикалија беше запрена и во Мексиканскиот залив, бидејќи и разградената нафта под морската површина го уништува живиот свет. Се‘ уште никој не може да ги процени целосните размери на катастрофата која го зафати заливот.

Автор: Рахел Гесат/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска