1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бо Силаи мора в затвор

Бо Силаи, човекот што некогаш беше политичка ѕвезда во Кина, мора да оди в затвор. Денеска (25.10) судот ја отфрли неговата жалба на пресудата за доживотен затвор поради корупција и злоупотреба на службена должност.

Бо Силаи, поранешен член на Политбирото на Комунистичката партија на Кина и шеф на огранокот на партијата во метрополата Чонгкинг, беше осуден на доживотен затвор пред околу четири недели. Тој казната ја доби поради обвиненијата за корупција и злоупотреба на службената должност. Бо во текот на судскиот процес призна дека правел и грешки, но решително ги отфрлаше главните точки на обвинението.

Бо важеше за носител на надеж во Комунистичката партија. Со својот популистички стил доби голем број приврзеници, но тоа на дел од партиското раководство му беше трн в око. Минатата година мораше да се откаже од сите функции поради обвинувања за корупција, а во ноември 2012. беше исклучен од партијата.

Инаку, Бо Силаи потекнува од влијателна кинеска фамилија. Неговиот татко Бо Јибо беше револуционерен водач и подоцна беше еден од „осумтемина бесмртни“ на Комунистичката партија. Тој беше два пати затворан од страна на националистите пред комунистите да ја преземат власта во 1949 година. Во текот на културната револуција Бо Јибо мина повеќе од десет години во затвор. На крајот на 1970-тите повторно се искачи до најтесниот раководен круг луѓе околу Денг Ксијаопинг. Почина во 2007 година, на 98-годишна возраст. Мајката на Бо Силаи, според официјални наводи, извршила самоубиство за време на културната револуција. „Татко ми и мајка ми се мртви, но нивните поуки ми се од голема помош“, напиша Бо Силаи во писмото од затвор, објавено пред да падне пресудата.

China Bo Xilai Prozess 25. Oktober 2013

Бо Силаи денеска во судската сала во Џинан

Сопругата на Бо, Гу Каилаи, минатата година доби условна смртна казна поради убиство на британски бизнисмен, што овозможи казната да биде претворена во доживотен затвор. Властите минатата година го обвинија Бо дека ја злоупотребил функцијата за да го сокрие злосторството. Поради убиството беше поведена истрага против Бо и тоа беше почеток на неговиот пад.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг по стапувањето на функцијата ја означи корупцијата меѓу функционерите како опасност за иднината на Комунистичката партија и за свој приоритет ја прогласи борбата против неа. Оттогаш постојано има спектакуларни откритија и апсења. Критичарите меѓутоа забележуваат дека од истраги се поштедени највисоките функционери.