1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бојкотот е можеби повик за будење на власта и опозицијата?

Германските парламентарци Гернот Ерлер и Родерик Кизеветер за ДВ ја коментираат политичката криза во Македонија: Партиите треба да работат не за своите, туку за интересите на сопствената држава.

По посетата на шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле, на Македонија, политички Берлин будно ги следи меѓупартиските тензии.
„Сите посакуваме подобри вести од Македонија, отколку овие за внатрешно политичка ситуација која ги засилува проблемите кои и онака постојат со соседот Грција и со нерешеното прашање околу името. Поради сево ова, веројатно и до почестокот на пристапните преговори ќе мора да се почека“, не е многу оптимистичко видувањето на Социјалдемократот Гернот Ерлер, кој за ДВ ја коментира политичката криза во Македонија.
Неговиот колега од редовите на ЦДУ-ЦСУ Родерик Кизеветер, пак,со забелешката:
„Бојкотот не е добар сигнал, но можеби е повик за будење: опозицијата и владата да соработуваат во внатрешната и надворешната политика за доброто на Македонија“. И, истакнува тој, решавачко е партиите меѓусебно да не се гледаат како противници, туку како сили кои работат на заедничката иднина на земјата.

Да не се изгуби приклучокот кон ЕУ

Околу најавите за неучество на опозицијата на престојните локални избори

Gernot Erler (SPD)

Ситуацијата е во ќорсокак - Гернот Ерлер (СПД)

Ерлер истакнува дека „не постои закон кој вели дека изборите се неважечки доколку дел од партискиот спектар истите ги бојкотира. Тоа е прашање на легислативата. Но, политичкото прашање гласи: нема ли да е подобро за Македонија да се надмине конфликтот за кој и обете страни придонесоа, со што би се дало тежина на желбата Македонија да не го изгуби приклучокот кон конвојот кој води во насока на Европската унија“, смета Ерлер.
Родерик Кизеветер, пак, забележува дека бојкотот не е добар знак, зашто идејата на сите избори е да има поголема излезност, зашто граѓаните се тие кои треба да избираат (од мнозинството што им се нуди), а не да селектираат!
Со оглед што секоја од страните - и владејачката и опозицијата, ги следат пред се’ партиските интереси, прашуваме: колку би било целисходно формирање нова политичка партија во Македонија, која минатата недела е најавена во Скопје, а која како е кажано, би била поддржана од меѓународниот фактор?
„За ова мора да се биде внимателен. Право на секоја земја е да создава нови партии. Но, прашање е дали една нова партија би помогнала да се омекне или целосно надмине создадената конфронтација. Ова е тешко да се каже и од оваа временска дистанца е се’ уште рано било што да се прогнозира“, дополнува Ерлер.
„Тоа би било стара песна со нов глас. Нова партија нема да помогне зашто проблемите со тоа нема да се решат. Проблемот се луѓето во институциите и партиите кои немаат интерес да соработуваат. Владата и опозицијата навистина сега мораат расправијата да ја стават настрана и да се вклучат во сериозна парламентарна работа“, истакнува Кизеветер. Според него, за целокупната европска иднина на Македонија и целиот регион, вистински е решавачко настанатиот конфликт да се надмине. На членството во ЕУ, вели Кизеветер, не смее да се гледа како на празна флоскула. Ако народот гледа дека партиите непрекинато меѓусебно се расправаат, дека се успорува динамиката за членство, ефектот ќе биде политичка фрустрација и разочараност на избирачите. Целата состојба ја напрегнува и Европската унија. „И затоа мојот апел е да се остане на патот и да не се изгуби народот! Ако партиите придонесат за намалување на интересот на граѓаните за локалната, државната и европската политика, тогаш вклучувањето во Унијата ќе се оддалечи, а тоа не смее да се случи!“, е категоричен ставот на Родерик Кизеветер.

Roderich Kiesewetter MdB CDU

Да се остане на европскиот пат, да не се изгуби народот, апелира Родерик Кизеветер (ЦДУ-ЦСУ)



Излез од ќорсокакот

За сериозноста на политичката криза предупредување испрати и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој ја откажа посетата која требаше да биде во функција на извештајот за напредок за Македонија, кој Комисијата треба да го подготви. Значи ли ова крај за позитивните оценки за Македонија и конечно што може земјата да очекува од престојниот извештај на Комисијата?
„Јасно е дека ситуацијата е во ќорсокак! Јас гледам два проблема. Едниот е со Грција околу името и тука има знаци за можен позасилен ангажман на ЕУ за решение на спорот, откако толку години не е постигнат напредок. Втората работа е внатрешно политичката блокада која секако внимателно се следи од ЕУ. И двете влијаат Македонија да не оди напред кон целта за почеток на пристапните преговори со ЕУ. За македонската иднина во ЕУ, двата проблема се како ѕид кој никако да се прескокне...“, коментира за ДВ Гернот Ерлер, познавач на Балканот и заменик претседател на пратеничката група на Социјалдемократите во германскиот Бундестаг.
Родерик Кизеветер уште еднаш вели дека Македонија во свои раце ја има и самата сноси одговорност за сопствената иднина. Според него, Филе не сака да се меша во расправиите и не сака да патува во земја каде партиите една со друга не сакаат да се спогодат.
„Затоа е сега многу, многу важно Македонија брзо да дојде до решение. Политичките партии имаат голема одговорност и треба да работат не за своите интереси, туку за оние на државата, за граѓаните, да го убедат народот дека прават нешто за земјата. Партиите не се цел за себе. Тоа се струи против струи низ кои граѓаните може да се идентификуваат. Доколку партиите ја водат државата во ќорсокак, нема да чуди што граѓаните од нив и се дистанцираат. Затоа партиите, оние од власта или опозицијата сеедно, имаат голема одговорност за Македонија и воедно и за Балканот. Ќе биде лошо доколку не најдат заеднички јазик, зашто тогаш среднорочно вклучувањето во ЕУ може да го забворавиме, а тоа не сакаме!“, е апелот на Родерик Кизеветар, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во германскиот Бундестаг.