1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Боцевски: најголемиот политички капитал на Македонија е толеранцијата

Македонскиот вице-премиер, задолжен за евро-интеграции, Ивица Боцевски, за визната либерализација со ЕУ и за евентуалната опасност од внатрешна дестабилизација на земјата.

default

Ивица Боцевски

Печатот пренесува изјава од германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, кој предупредува дека во визната либерализација би требало да се оди чекор по чекор. Дали тоа треба да загрижува?

Боцевски: Визната либерализација беше процес, што произлезе од внатрешното усогласување на земјите членки на Унијата, кои потоа и‘ дадоа мандат на Европската комисија да изработи документ, којшто се нарекуваше „Патоказ за визна либерализација“. Во него беа опишани сите одредници во четирите блока. Четирите блока беа: безбедност на документите; потоа вториот блок беше гранично управување и азилна миграција; третиот блок беше јавен ред и мир, кадешто беше меѓу другото борбата против организираниот криминал и корупцијата, вклучување на трговија со луѓе и така натаму; и четвртиот блок се однесуваше на фундаменталните права. Во сите овие блокови имаше специфични одредници и врз основа на нив се оценуваше дали една земја влегла или не влегла во процесот. Конкретно, во македонскиот случај, заклучуваме дека земјата ги исполнила одредниците и сега, чекор по чекор, или земја по земја, значи секој што ќе се квалификува, ќе влегува во групата за визна либерализација, а нема да има пакети или чекања. Унијата е свесна дека ниту еден граѓанин на европска земја не смее да биде заглавен зад шенгенскиот ѕид. Меѓутоа, условот за земјата да може да го постигне ова право, ќе биде исполнување на одредниците. Македонија тоа го оствари, така што во моментот, нашиот, како што јас често го нарекувам морален аргумент (не може граѓанин на европска држава да биде зад шенгенскиот ѕид) е во моментот потпрен и поддржан од реални факти. Македонија ги исполни одредниците. Поддршката за овој процес доаѓа од земјите од стара Европа, а од земјите од нова Европа е монолитна, бидејќи и тие самите пројдоа низ овие процеси.

Одредени медиуми, па и одредени аналитичари понекогаш знаат да кажат дека Македонија, без решавање на грчко-македонскиот спор, без влез во евро-атлантските интеграции , би можела да влезе во нова фаза на внатрешна дестабилизација, па вклучувајќи го во тоа и еден поширок регионален контекст. Кој е вашиот став?

Боцевски: Јас сметам дека најголемиот политички капитал, кој што го има македонското општество е капиталот на толеранција. Имено, како што во 2001 година се бараше огромен интелектуален капитал и политичко водство за да се излезе во пресрет на премрежјата, со кои се соочуваше Македонија во тој период, и да се пружи рака, односно да се разберат легитимните барања, коишто постоеа во албанската заедница, така и денеска морам да го поздравам начинот на кој што унисоно, албанските политички лидери во Македонија од албанските политички партии пристапуваат кон прашањето врзано со идентитетот и со името. Сите тие ги разбираат сензитивностите кои што постојат кај Македонците во Република Македонија, поврзани со идентитетот. Тоа е она што дава страшен политички капитал за Македонија, односно взаемното разбирање.


Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска