1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Босна и Херцеговина се претвора во теократска држава?

Босна и Херцеговина на хартија е секуларна држава и тука нејзиниот секуларизам и завршува. Спрегата меѓу политиката и верските заедници во последните 20 години е се’ појака, а кулминацијата најдобро се гледа пред избори.

Верските заедници во Република Српска неодамна со ребалансот на буџетот, наместо планираните помалку од 150.000 евра, добија дури над два милиона и 820 илјади евра. Сосема случајно, пред почетокот на изборната кампања. Колку валкано се игра и колкава е спрегата меѓу власта и верските заедници во БиХ потврдува и професорот на Филозофскиот факултет во Сараево Енвер Казаз, кој вели дека степенот на таа спрега е мерлив со парите што ги добиваат верските заедници. Во оваа кампања може да се очекува уште поотворена поддршка на верските заедници, но и учество на верското во политичкото.

„Сојузот за подобра иднина, кој беше клерикален, цврсто десно позициониран, денес ја напаѓа Партијата за демократска акција како исламоцентрична партија. Во хрватскиот политички процес е многу јасно дека католичката црква и Винко Пулиќ, како нејзин поглавар, стојат зад ХДЗ. Милорад Додик, како голем национален лидер, успеа да ја преземе православната црква од СДС“, вели Енвер Казаз.

Ausstellung Dervis und Tod Enver Kazaz

Енвер Казаз

Да не се маргинализира, туку да се спречи злоупотребата

Она што е поразително, вели професорот од Мостар Миле Ласиќ, е што верските заедници во последните 20 години нанесоа огромна штета на вистинското верување во религијата и оти нивното мешање во политика е контрапродуктивно.

„Но, тоа ним не може да им се докаже. Тие веруваат во својата мисија и се мешаат со политичкиот естаблишмент. Значи, тоа е една катастрофална појава, која нема никаква врска со политичката модерна која се живее во западниот свет“, вели професорот Ласиќ.

Дали се работи за опасност или за модерен живот, како што го квалификува свештеникот од БиХ Марко Оршолиќ, ќе се види во иднина. Оршолиќ вели дека религијата не треба да се маргинализира во вистинскиот живот, но оти треба да се воведат правила кои ќе спречат злоупотреба.

„Да не се користи црквата, односно олтарот, односно џамијата, во предизборни цели. Верските службеници треба да се ангажираат, но како граѓани, а не како верски службеници. И верата не треба да се злоупотребува во јавниот живот и во изборна кампања“, вели Оршолиќ.

Затоа, професорот на Филозофскиот факултет во Бања Лука Милорад Живановиќ смета дека БиХ полека, но суштински се претвора во теократска држава. Не се работи само за дирекна поддршка на политичките структури, од страна на верските заедници, туку за тоа што тие дирекно учествуваат во крупни политички прашања, вели Живановиќ.

Reisu- l Ulema Mustafa Ceric

Реис ул Улема Мустафа Цериќ

„На пример, реформата на полицијата во БиХ е договорена во манастирот Липље и додека епископите не се согласија, не беше можно ништо да се направи. Реис Цериќ дирекно раководеше со одлуките на Партијата за демократска акција, а исто така од страна на католичкиот клер се случуваше сличното, кога претставниците на Ватикан учествуваа дирекно во изборни кампањи“, истакнува Живановиќ.

Токму поради фактот дека овој вид на теократија е неформален, потешко е со него да се води борба, додава професорот Живановиќ. Социологот Срѓан Пухало, пак, забележува дека верските заедници се свесни за својата сила меѓу граѓаните и оти тоа многу вешто го користат. Пухало наведува дека верските заедници во БиХ не се корективен фактор на властите, ниту ним некогаш им се спротивставуваат.

„Во Босна и Херцеговина некако имаме ситуација верските заедници да се всушност победници на изборите и дека тие секогаш се на вистинската страна“, вели Пухало.

Професорот Казаз, пак, вели дека во вакво опкружување е тешко да се каже дали БиХ како општество воопшто негува европски вредности, ако спрегата на политиката и религијата е таква каква што е.