1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Босна и Херцеговина е најтежок проблем на Балканот

БиХ повторно е во фокусот на ЕУ. Шефовите на дипломатиите на земјите членки ја нагласуваат својата загриженост поради „најкомплицираната ситуација на Балканот“. Сѐ погласно се слушаат гласини за нов европски пристап.

Иако не беше планирано на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ да се разговара за Босна и Херцеговина, ситуацијата во земјата и ескалацијата на протестите, како и инсистирањата на делегациите од Словенија и Хрватска во Брисел го наметнаа сѐ уште не одговреното прашање: Што и како понатаму со БиХ? Шефовите на дипломатиите на земјите членки се сложни со оценката дека ситуацијата во БиХ е „тешка и загрижувачка“. Заеднички став е и дека БиХ мора да тргне напред како единствена земја, а мнозинството инсистира на одлучен и јасен став на ЕУ. Засега не се размислува за идејата на високиот претстваник Валентин Инцко за можно испраќање дополнителни трупи на ЕУ.

EU Außenministerrat 10.02.2014 Brüssel Ashton

Кетрин Ештон

„Валентин, мојот драг пријател, за тоа говореше како за хипотетичка ситуација“, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ Кетрин Ештон. „Најважно во овој момент е ракводството во таа земја да размисли и да ги сфати сериозните грижи кои ги има неговиот народ. Не да се занимаваат со некои конкретни прашања, туку пошироко со економската ситуација. Во Босна и Херцеговина има многу лидери и време е да почнат да го покажуваат своето лидерство, а ние ќе ги поддржиме на тој пат“, вели Ештон.

Она што се случи минатиот петок во БиХ за шефот на дипломатијата на Велика Британија Вилијам Хејг претставува „повик за будење“, но не само за политичарите од БиХ, туку и за Европската унија и меѓународната заедница. „Мораме да вложиме повеќе напори за да ѝ помогнеме на БиХ да тргне кон НАТО и ЕУ и да се стави крај на стагнацијата на власта во БиХ. Тоа ќе стане сѐ поважно прашање во месеците кои следуваат“, смета Хејг.

Прво да се решат животните прашања

Покрај шефот на британската дипломатија, и министрите за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ и Словенија Карл Ерјевац ја повикуваат ЕУ на поголем ангажман кога е во прашање БиХ.

Vesna Pusic

Весна Пусиќ

Додека Словенија предлага во случајот со БиХ да се примени „моделот по углед на дијалогот Белград и Приштина“, каде самата европска шефица на дипломатијата Кетрин Ештон презема одговорност за медијација и решавање на проблемите, официјален Загреб дополнува: „Ставот на Хрватска е дека за БиХ треба да се осмисли специфичен модел на приближување кон ЕУ. Наместо однапред да мораат да се решаваат некои специфични прашања, ние сметаме дека би било важно процесот да започне, тој не мора да се вика скрининг, може да му претходни на скринингот, и во тој процес би се решавале специфични теми. Тоа значи и 'Сејдиќ-Финци’ и други теми, за кои се говори, би се решавале во рамките на тој процес, а не како предуслов“, објаснува Пусиќ.

Уште од порано европските аналитичари ги повикуваа одговорните во Брисел на „придвижување на БиХ од политичкиот ќорсокак“, прашањето на примена на одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот „Сејдиќ и Финци“ да не се користи како предуслов за напредок на земјата во процесот на евроинтеграциите, туку тоа по многумина „суштинско и компликувано државно прашање“ да се решава постепено низ процес на приближување кон членството.

Во Европската иницијатива за стабилност оценуваат дека ЕУ би требала да ја „преиспита својата политика на условување на кандидатурата на БиХ со имплементација на пресудата 'Сејдиќ-Финци'“. „Сметаме дека Европската унија би требала да попушти и да дозволи Босна и Херцеговина да се кандидира за членство. Во рамките на пристапниот процес, БиХ секако ќе мора да направи уставни реформи и тогаш повторно да се направи обид да се примени пресудата ’Сејдиќ-Финци’“, вели за ДВ Александра Штиглмајер.

Очајот нема национален предзнак

И додека европските политичари треба да разгледаат и да се договорат околу евентуална нова стратегија за БиХ, она за што се сите сложни е дека стабилна и единствена Босна и Херцеговина е важна за стабилноста на целиот регион.

„Босна и Херцеговина е најтешкиот проблем што го имаме на Балканот. Мораме да го одбраниме принципот дека БиХ е единствена земја, а не собир на три или четири заедници. Се надевам дека и во ЕУ и во БиХ има доволно од оние кои сакаат да ја видат БиХ како единствена земја која оди во добар правец“, е пораката на министерот за надворешни работи Жан Аселборн.

Во Брисел се нагласува дека е посебно важно случувањата во БиХ да не добијат национален предзнак, како и политичарите „да не ги туркаат работите во тој правец“. Се оценува и дека европскиот пат на земјата е една од ретките работи која без оглед на етничката припадност има свој легитимитет во јавноста во БиХ. „Граѓаните на БиХ покажаа дека нивното трпение има лимит. Кога земјата нема позитивна агенда, тогаш луѓето поставуваат своја агенда“, смета словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак и дополнува:

„'Сејдиќ-Финци' не е одговор на она што овие луѓе го очекуваат. Тоа е сериозна порака до политичките лидери во БиХ помалку да се занимаваат со игри, а повеќе да ги решаваат социјално-економските прашања. Тоа е сигнал и за ЕУ да согледа поширока слика за ситуацијата во БиХ“, заклуува Лајчак.

Од Европската унија порачуваат дека Босна и Херцеговина го нема тој луксуз без никаква промена да губи време и да чека на следните избори, но и дека на сите треба да им биде јасно дека од насилство и хаос може да се случи само нешто полошо, а не подобро.