1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Босанските политичари забрзано се евакуираат

Протестите на незадоволните граѓани во БиХ подолжуваат и денеска, иако со намален интензитет. Повеќе министри во кантоните поднесоа оставки. ЕУ сѐ уште без официјален став за случувањата.

Федералната Влада на БиХ денеска заседаваше на тајна локација, а зградата на претседателството претпладнето беше евакуирана. Оставки досега поднесоа четворица кантонални премиери, началникот на полицијата во Мостар и директорот на Дирекцијата за кооординација на полициските тела, Химзо Селимовиќ. Вработените изнесуваат сѐ од зградата, симнуваат завеси, а пред владата има возило на протипожарната служба. Заедно со вработените, зградата ја напуштил и претседавачот на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и потпретседателот на Федерацијата БиХ Мирсад Кебо.

По затворената седница, Владата на Федерацијата ги повика сите политички субјекти да донесат одлука за одржување на вонредни избори на кои граѓаните ќе изберат власт во демократска процедура.

Демонстрантите собрани пред Претседателството изнесоа свои барања – оставка на Владата на Федерацијата БиХ, укинување на кантоните, намалување на сите примања на парламентарците за 50 отсто, смена на директорот на пензискиот фонд, зголемување на пензиите, примања за невработените и укинување на работата на црно.

Дневни аваз објави дека од зградата на претседателството на БиХ се изнесува документацијата и компјутерите, бидејќи вработените добиле такво упатство. Дел од документацијата службениците ја носат во подрумите, а дел со автомобили во непознат правец, додава весникот.

Загриженост во ЕУ

Немирите во БиХ предизвикале голема загриженост и кај министрите за надворешни работи на ЕУ, но тие на денешниот состанок во Брисел, останаа само на размена на мислења, без никакви заклучоци. Извори во Европската комисија за агенцијата Бета изјавиле дека социјалниот бунт во БиХ е резултат на долгодишното лошо управување со економијата, што довело до голема невработеност и парализа на делови на стопанството. Според истиот извор, тоа е последица и на нерешавањето на институционалните проблеми во земјата.

Протестите во Босна и Херцеговина се повик за будење упатен до ЕУ и меѓународната зааедница, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон ги повика властите на БиХ да покажат лидерство и да почнат со решавање на економските, но и политичките проблеми во земјата.

Во врска со изјавата на високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, дека, во случај на ескалација на состојбата, треба да се размисли за испраќање на трупите на ЕУ во земјата, во Европската комисија велат дека Инцко не е претставник на ЕУ во БиХ и дека таква одлука носат исклучиво владите на земјите на ЕУ во договор со НАТО.