1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Борусија Менхенгладбах на чело на Бундеслигата

Борусија Менхенгладбах го презеде врвот на табелата во Бундеслигата по третото одиграно коло. Камбекот на Шалке против Мајнц беше настан на неделата, додека Бајерн Минхен одигра врвен натпревар против Хамбургер.

default

Играчите на Борусија (М) ја прославуваат победата над Волфсбург

Минатата сезона беше на прагот на испаѓање од лигата, годинава по три одиграни кола е на врвот на табелата: Борусија Менхегладбах игра како препородена. Во петокот, пред домашните навивачи Гладбах ја славеше втората победа, овојпат над Волфсбург од 4:1 и го презеде врвот на табелата.

Хановер е сега на второто место, откако киксна пред домашните навивачи во дуелот против Херта, играјќи 1:1. Во финишот судијата му поништи гол на Хановер, што резултираше во жестоки протести на домашните играчи.

„Долго време водевме и разочарувачки е што примивме израмнувачки погодок. Доброто е што се‘ уште немаме пораз. Седум бода од три меча се задоволувачки, но секако сме разочарани што денеска загубивме два бода“, изјави голманот на Хановер, Рон-Роберт Цилер.

Пресврт на Шалке против Мајнц

Уште потешка судбина доживеа тимот на Мајнц. Иако на полувремето водеа со 2:0 против Шалке, играчите на Мајнц успеаја да останат со празни раце. Шалке се врати во вториот дел, постигна дури четири гола и победи со 4:2.

1. FSV Mainz 05 gegen FC Schalke 04

Шалке направи извонреден пресврт против Мајнц

„Откако намаливме на 2:1 беше видливо колку сето тоа беше во главата. Во првото полувреме делувавме како да сме слетале на теренот директно од Хелсинки (каде Шалке играше во Лигата на Европа н.з.). Потоа можеше да се види, дека не станува збор за физичката, туку за менталната подготовка на играчите“, изјави тренерот на Шалке Ралф Рангник.

Највисоката победа, од 5:0 над Хамбургер, во изминатото коло ја забележа Бајерн Минхен. Благодарение на лошата игра на Хамбургер, играчите на Бајерн со леснотија постигнуваа голови. Тренерот на Бајерн, Јуп Хајнкес, оцени дека разликата била дури и мала.

„Не само што победивме со 5:0 и игравме убедливо, туку промашивме и огромен број шанси кои требаше да ги реализираме. Сепак, ова е уште еден чекор напред пред мечот в среда од Лигата на Шампионите“, рече Хајнкес.

Осум погодоци во Бремен

Богат со голови беше и дуелот меѓу Вердер и Фрајбург во Бремен. Вердер победи со 5:3, иако натпреварот беше решен во самиот финиш, а победничките голови паднаа во последните моменти од средбата.

Flash-Galerie Hannover 96 gegen Hertha BSC

Пјер Мишел Ласога (Херта) го прославува погодокот против Хановер

Дека и еден гол е доволен за победа, повторно покажа Бајер Леверкузен. Погодокот на Штефан Кислинг беше доволен за триумф од 1:0 на гостувањето кај Штутгарт.

„Мислам дека уште од почетокот добро ја контролиравме топката. Не му дозволивме на Штутгарт да се разигра и тоа беше исцрпувачки за нив. Можеби можевме да одиграме и подобро, но задоволни сме со победата“, изјави капитенот на Бајер, Симон Ролфес.

Аугсбург се‘ уште ја чека првата победа

Задоволство и во таборот на следниот противник на Бајер: бранителот на титулата Борусија Дортмунд без многу напор стигна до победа од 2:0 над Нирнберг.

Lukas Podolski auf Tribüne

Ѕвездата на Келн, Лукас Подолски, од трибините го следеше дуелот против Кајзерслаутерн

„Тешко ни‘ одеше комбинирањето на противничката половина, не успевавме да ја контролираме играта, а често се потпиравме и на долги топки. Сепак, мислам дека во второто полувреме се подигнавме, игравме побрзо и ги искористивме шансите за гол“, рече Илкај Гундоган, кој во преодниот рок премина од Нирнберг во Дортмунд.

Одлична можност за победа пропушти тимот на Келн, во дуелот од дното на табелата против Кајзерслаутерн. Резултатот од 1:1 пред домашните навивачи значеше и прв бод за Келн сезонава.

На својата прва победа во Бундеслигата воопшто се‘ уште чека тимот на Аугсбург. Во саботата дебитантот во најсилната лига беше поразен на домашен терен од Хофенхајм со 2:0.

Автор: Оливиа Фриц / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска