1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Борусија Дортмунд и Бајерн на курс кон финалето во Берлин

Жребката за полуфиналните двојки во германскиот фудбалски Куп ја остави отворена можноста за веројатно најпосакуваното финале во ова натпреварување: Бајерн Минхен против Борусија од Дортмунд.

Минатогодишните финалисти во Лигата на шампионите во полуфиналето на домашен терен ќе треба да се справат со противниците од Кајзерслаутерн и Волфсбург. Така гласеше исходот од извлекувањето на двојките за полуфиналето на германскиот куп, пренесувано на германската телевизија АРД синоќа (12.02.2013) по крајот на четвртфиналните мечеви од Купот.

Носителот на тројната круна, Бајерн Минхен за противник го доби од една страна на хартија најлесниот противник, а од друга страна и најголемото изненадување во досегашниот тек на куп натреварите во Германија. Кајзерслаутерн имено во синоќешниот четвртфинален меч во Леверкузен по продолженијата со резултат 1:0 го елиминираше домашниот тим, кој е втор на табелата во Бундеслигата и настапува во Лигата на шампионите. Претходно оваа екипа од натпреварите во Купот елиминираше уште еден прволигаш- Херта од Берлин.

Сепак во Кајзерслаутерн по подвигот во Леверкузен се надеваа на полесен противник- со оглед на надмоќноста и непобедливоста на Баварците во актуелната сезона. Синоќа Бајерн од Минхен во четвртфиналето го декласираше домаќинот Хамбургер со 5:0.

DFB-Pokal Viertelfinale Bayer 04 Leverkusen 1. FC Kaiserslautern

Од мечот Бајер Леверкузен (црни дресови)- Кајзерслаутерн

И покрај изненадувачки успешниот настап на второлигашот Кајзерслаутерн во Купот, сепак фудбалските експерти очекуваат дека далеку понеизвесен ќе биде исходот од втората полуфинална двојка: Борусија Дортмунд - Волфсбург.

Екипата од Дортмунд пласман во полуфиналето обезбеди во вторникот со минималната победа кај Ајнтрахт во Франкфурт, додека пак Волфсбург вчера успеа со 3:2 да слави на гостувањето против Хофенхајм.

Во првиот лигашки дуел меѓу овие два тима во есенскиот дел од сезоната, Волфсбург славеше победа со 2:1.

Полуфиналните куп средби ќе се одиграат на 15. односно 16. април, додека финалето во Берлин е закажано за 17 мај.