1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Борусија Дортмунд е еден од великаните на германскиот фудбал

Борусија (Д) е прв германски клуб што освои титула од европски куп, беше и европски клупски шампион, покрај тоа и пет пати првак на Германија. Но, имаше и спортски и финансиски падови.

default

Акција на Борусија(Д), единствениот германски фудбалски клуб нотиран на берза

Борусија е основана уште во 1909-та година, но во врвен клуб се разви дури по Втората светска војна. До 1963-та веќе беше три пати првак на Германија, последниот пат токму пред формирањето на Бундеслигата. Во ’65-та го освои германскиот Куп, а наредната година и европскиот Куп на куп-победниците. Финалето против Ливерпул во Глазгов заврши 1 спрема 1, решението падна во продолжението. Голот на Либуда му ја донесе на германскиот фудбал првата европска клупска титула воопшто.

Потоа уследи отрезнување. Подмладувањето на екипата испадна целосно неуспешно, во Бундеслигата колата тргна удолу, во ’72-ра Борусија Дортмунд испадна од лигата. Во неа се врати по 4 години, но и потоа не играше некоја позначајна улога, освен во 1978-ма.

Тогаш, Келн и Борусија Менхенгладбах беа изедначени на врвот на табелата, но Келн со далеку подобра гол-разлика. Последното коло донесе дуел на двете Борусии. Тимот од Дортмунд настапи со млад голман – за Петер Ендрулат тоа беше одвај седми натпревар во Бундеслигата, што вечно ќе го памти: веќе на полувремето беше 6 спрема 0 за екипата од Менхенгладбах. “Сакав да играм и понатаму, оти си реков дека не е можно и во вториот дел да бидат постигнати уште шест голови” – вели Ендрулат за тие моменти. Но, вториот дел помина исто како и првиот! “Кога веќе си примил осум или девет голови, тогаш навистина копнееш да дојде крајот”, опишува голманот. Конечниот резултат беше 12 спрема 0. На тимот од Менхенгладбах ни тоа не му беше доволно за титулата, но за Петер Ендрулат значеше крај на кариерата.

“Заспаниот џин” Борусија Дортмунд "се разбуди" дури во 1989-та, кога го освои Купот со победата против Вердер Бремен. Потоа уследија најуспешните години во клупската историја: два пати првак - во ’95-та и ’96-та, во 1997-ма финалист на Лигата на шампионите.

По 70 минути во финалето Борусија води со 2 спрема 1, но Јувентус е близу до израмнување. Тогаш тренерот Отмар Хицфелд врши замена, што ќе има решавачко значење: Ларс Рикен, само што влезе на теренот на местото на Штефан Шапуиза, со првиот контакт со топката го реши натпреварот. Командантот на одбраната Јирген Колер за успехот рече: “Многумина не отпишаа, а ние секогаш во такви моменти наново се кревавме. Се надевам дека сите што беа по малку негативно настроени, сега ќе не креваат во небо”.

Таква цел си зададе и клупското раководство – Борусија да ја доведе барем на исто рамниште со Баерн Минхен. За тоа инвестира многу пари, повеќе отколку што имаше приходи. За да обездеди уште повеќе пари Борусија Дортмунд во последниот ден на октомври 2000-та отиде на берза како прв и досега единствен германски клуб. “Црно-жолтата” акција на тој ден вредеше 11 евра. Веќе од наредниот, прв ден на тргување со неа, курсот почна да паѓа и во меѓувреме изнесува една петина од почетната вредност.

Во последните две години со големи напори клубот избегна банкрот, тимот успева да се избори само за место во средината на табелата. Сега, што се однесува до финансиите, клубот е на релативно цврста подлога.

Дирк Улрих Кауфман