1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борис Тадиќ се жртвуваше себе си за добро на партијата?

Српскиот претседател Борис Тадиќ поднесе оставка на функцијата, со што се отвора патот за одржување на предвремени претседателски избори на 6. мај, за кога се закажани парламентарните, покраинските и локалните избори.

Претседателот на Србија Борис Тадиќ денеска соопшти дека одлучил да го прекине својот мандат, десет месеци пред неговиот истек, за да овозможи на 6. мај да се одржат избори на сите нивоа на власта. Тој истакна дека во текот на утрешниот ден формално ќе и‘ ја поднесе оставката на претседателката на српското собрание Славица Ѓукиќ Дејановиќ, за да се влезе во законска процедура со која ќе се осигура изборниот процес. Тадиќ на новинарите во Белград им изјави дека ќе се кандидира на претседателските избори и оти очекува победа. Тој истакна дека смета оти изборите ќе бидат тешки, но и дека ќе претставуваат можност граѓаните да се определат по кој пат ќе сакаат да одат.

„Јас го предлагам патот на европските интеграции и зачувување на интегритетот на земјата, потенцира Тадиќ“, додавајќи дека нема да го признае Косово. Според српскиот устав, мандатот на претседателот на државата може да биде скратен доколку поднесе оставка.

Белградската телевизија Б92 уште синоќа јави дека Тадиќ својата одлука да поднесе оставка ја соопштил на вчерашната седница на раководството на неговата Демократска партија (ДС), со образложение дека државата би заштедила средства со одржувањето на избори на сите нивоа на власта во еден ден.

Аналитичарите оценуваат дека со вклучувањето во кампањата на вонредните претседателски избори, Тадиќ сака да придонесе за зголемување на рејтингот на ДС на парламентраните избори, која сега заостанува зад опозициската Српска напредна партија (СНС).

Се очекува преседателот на српското Собрание Славица Ѓукиќ-Дејановиќ во текот на денов да распише вонредни претседателски избори за 6. мај.

Актуелниот втор мандат на Тадиќ истекуваше во февруари 2013. година и редовен термин за одржување на претседателските избори беше крајот на оваа година или најдоцна јануари идната година.