1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борис Тадиќ пред политичка пензија

Претседателот на Демократската партија Борис Тадиќ нема повторно да се кандидира на функцијата на изборното собрание закажано за 25 ноември. Дали поранешниот претседател на Србија заминува во политичка пензија?

Борис Тадиќ се откажа од понатамошна изборна трка во својата партија и најави дека најверојатно ќе биде почесен претседател на партијата. Одлуката на поранешниот претседател на Србија следи по губењето на власта на ДС по изборите, на сите нивоа во Србија и претставува епилог од повеќемесечната борба во партијата за клучните позиции. Одлуката на Борис Тадиќ не ја поддржа поранешниот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, а партијата поради, како што вели „гнилиот компромис меѓу Тадиќ и Ѓилас“, ја напушти поранешниот премиер на Србија, Зоран Живковиќ. Со своето повлекување, Борис Тадиќ, ја отвори вратата за промени на челото на ДС, а најсериозниот кандидат за нов шеф на партијата е сегашниот потпретседател на ДС и градоначалник на Белград, Драган Ѓилас.

Одлуката на Борис Тадиќ е пред се‘ добра за Демократската партија, но е добра и за Борис Тадиќ, оценува за ДВ политикологот Јован Комшиќ.

„Ова е еден задоцнет политички рефлекс, но сепак доволно продуктивен рефлекс кој го спасува неговиот политички идентитет. ДС изгуби многу со досегашните потези на Тадиќ и партијата беше соочена со опасноста да ги загуби клучните шанси на политичката сцена во Србија. Со овој потег на Тадиќ, ДС повторно добива шанси. А со овие шанси растат и шансите Тадиќ да го задржи својот

Serbien Belgrad Bürgermeister Dragan Dilas

Драган Ѓилас

персонален кредибилитет во партијата, во Србија и во Европа“.

Избегнат пораз

Борис Тадиќ се одлучи на ваков чекор за да избегне и политички пораз во самата партија, вели за ДВ политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ. Втората причина е обидот да избегне раскол во самата партија, истакнува Станковиќ:

„Се сомневам дека Тадиќ тоа би го направил ако знаел дека постои веројатност дека може да го победи Ѓилас. Исто така се сомневам дека ДС би опстанала ако двајцата останат во политичките ровови, во кои беа во последните неколку месеци“.

Политичката судбина на Демократската партија сега се врзува за Драган Ѓилас како нов лидер, смета Станковиќ. Иако во моментот е избегната поделба во партијата, главниот одбор покажа дека судирот и незадоволството внатре во партијата, се‘ уште постојат, додава тој.

„Не очекувам дека и со оваа промена на првиот човек на партијата, ќе постои некој особен ентузијазам во ДС. Демократите во последните шест месеци зад себе имаат изборен пораз и голем судир во самата партија. Ним им е потребно одредено време да вратат некои од своите позиции во избирачкото тело, да ја консолидираат партијата одвнатре и евентуално со нови луѓе и свежи идеи постепено да се вратат на политичката сцена во Србија“.

Тадиќ во пензија?

Serbien Präsident Boris Tadic

Борис Тадиќ

Одлуката на Борис Тадиќ на некој начин претставува и негово заминување во политичка пензија. Дејан Вук Станковиќ вели дека е тешко да се каже дали е тоа политичка пензија, но Тадиќ секако нема да има влијание како што имал претходно.

„Ќе има одредено ниво на влијание во партијата како почесен претседател, но одлуките за стратешкото позиционирање на партијата, за приоритетите на политиката во опозициското делување, ќе ги носат други луѓе. Тадиќ ќе биде само некој кој консултативно ќе може да помогне. Сега натпреварот го водат други, а Тадиќ е некој кој може помалку или повеќе, зависи од околностите, да асистира на играчите кои се на терен“.

Драган Ѓилас сега мора да биде не само менаџер на Демократската партија, смета Јован Комшиќ, туку и да се насочи кон идеолошко-политичкото профилирање на партијата, на што инсистираше и Тадиќ. Многу работи зависат и од неговата политичка судбина како градоначалник на Белград, додава Комшиќ.