1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Борис Кондарко поднесе оставка во ДИК

Државната изборна комисија остана без претседател откако Борис Кондарко се повлече од функцијата, наведувајќи лични причини. Претседателот на СДСМ, Заев, претходно го најави ваквиот развој на настаните.

default

Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, поднесе оставка од функцијата.

„Ве известувам дека денеска до Собранието на Република Македонија поднесов оставка на функцијата претседател на Државната изборна комисија и согласно одредбите од Изборниот законик побарав на првата наредна седница да биде констатиран престанок на функцијата пред истекот на мандатот. Сметам дека дадов свој придонес во работата на Државната изборна комисија, а оставката ја поднесувам заради лични причини“, вели Кондарко во соопштението до медиумите.

Ваков епилог се очекуваше, по најавата од пред неколку дена на лидерот на партијата СДСМ, Зоран Заев, на гостување во една телевизија, дека Кондарко, како претседател на ДИК не може многу да влијае на прочистување на Избирачкиот список, затоа што во Комисијата има мнозинство власта.

„Најверојатно и ќе си поднесе оставка. Ние веќе разговараме за оваа работа, бидејќи ова веќе не е издржливо. Не може да носите вина. Министерството за внатрешни работи го комплетира избирачкиот список“, вели Заев. Тој смета дека Кондарко нема можност да делува на вистинско прочистување на Избирачкиот список, бидејќи во ДИК нема мнозинство.

„Зоран Заев преку медиумите соопшти дека му кажал на Кондарко да си поднесе оставка, бидејќи не биле нешто задоволни. За какви неполитички тела зборуваат, кога јавно кажуваат дека на претседателот на ДИК, тело кое во основа би требало да работи како незвисно, ќе му дадат задача кога да си поднесе оставка, а кога не. Како што на времето, на поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, Бранко Црвенковски му даде налог да си поднесе оставка“, коментираше премиерот Никола Груевски на трибина одржана вчера во Прилеп.