1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борби на улиците на Каиро

Насилството меѓу приврзениците и противниците на египетскиот претседател Мохамед Мурси ескалира. Во судирите се убиени најмалку пет лица, околу 350 се ранети. Армијата стационира тенкови пред претседателската палата.

Се‘ поголемиот јаз меѓу исламистите и либералните сили се заканува да предизвика уште поголема поделба во Египет. Во египетскиот главен град Каиро до денешните рани утрински часови се водеа улични борби. Според агенциите, армијата започнува утрово да поставува тенкови пред претседателската палата. Во судирите пред зградата, според медиумите, загинале најмалку пет лица, а дури 350 се ранети. До меѓусебните пресметки дојде откако Муслиманските браќа повикаа на солидарни собири во полза на египетскиот претседател Мохамед Мурси. Исламистите потоа уништија неколку шатори пред претседателската палата, со кои противниците на Мурси протестираа против широките овластувања кои си ги присвои претседателот и против исламизацијата на земјата. Двата табора потоа започнаа меѓусебни пресметки, употребувајќи камења, стапови и молотови коктели. Запалени се повеќе автомобили. Арапската телевизија Ал Џазира известува за огнови на улиците во непосредната околина на претседателската палата во Каиро. И во

Ägypten Kairo Ausschreitung Gewalt Protest Demonstration

Протестите ескалираат

други градови дојде до насилни протести. Противници на претседателот на Египет синоќа запалиле неколку згради на партијата Муслимански браќа во градот Исмаилија. Засега нема информации за жртви. Истото сценарио се одиграло и во градот Суец.

Премиерот на Египет Хишам Кандил повика да се стави крај на судирите околу претседателската палата во Каиро, што се водат меѓу приврзаници и противници на Мурси. Тој ги повика своите сонародници да дадат шанса за напорите за поставување на почеток на национален дијалог.

Повик за воздржаност упати и големиот имам на џамијата Ал Азхар во Каиро - Ахмед ат Тајеб - највисоката инстанца на сунитското движење на исламот.

Оставка на советници на Мурси

Тројца членови на тимот советници на египетскиот претседател Мохамед Мурси поднесоа оставка поради кризата која произлезе од декретот за проширување на неговите надлежности, соопштија извори од претседателството.

Сеиф Абдел Фатах, Ајман ал Сајад и Амр ал Леитхи поднесоа колективна оставка, со што бројот на службеници од претседателскиот кабинет, кои ги напуштија функциите поради скандалот со указот, се зголеми на шестмина.

Абдел Фатах поднесе оставка во живо за време на телефонски разговор за катарската телевизија Ал Џазира. Професорот по политички науки Саиф Абдел Фатах ги нападна двете страни, истакнувајќи дека Египет заслужува подобро „од една мумифицирана елита која се грижи единствено за сопствените интереси и нема идеја за интересите на државата“.

Mohammed Morsi Präsident von Ägypten

Претседателот Мурси со декрети си обезбеди речиси неограничена власт

Во Египет веќе со денови траат демонстрациите против Мурси. Претседателот со декрети си обезбеди речиси неограничена власт, ставајќи се и над судството. Опозицијата протестира освен тоа и против новиот предлог-устав, кој носи печат на исламистите.

И покрај постојаните протести, владата опстојува на плановите за скорешен уставен референдум. Јавното изјаснување за новиот устав ќе се одржи, како што е планирано, на 15. декември, изјави вицепретседателот Махмуд Меки. Опозициониот политичар и носител на Нобелова награда за мир Мохамед ел-Барадеј, пак, смета дека владата на Мурси од ден во ден го губи легитимитетот. Тој како услов за водење разговори го наведе повлекувањето на претседателските декрети. На маргините на средбата на НАТО-министрите за надворешни работи во Брисел американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон од двете страни во конфликот побара „обостран дијалог“. Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон и британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјавија дека настаните во Египет им предизвикуваат се‘ поголема загриженост.