1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Борба против присилната проституција во Германија

Идната германска влада најави промени во законот за проституција за подобра заштита на жените кои ја работат оваа работа. Активистите за правата на жените одат чекор натаму и бараат забрана за проституцијата.

Според официјалните статистички податоци, со проституцијата во Германија годишно се прави промет од 15 милијарди евра. Очигледно станува збор за гранка која „цути“ иако не се знае точно колку проститутки работат во Германија. Процените велат дека ги има околу 400 илјади. Кога во 2002. година тогашната влада составена од Социјалдемократската партија (СПД) и Партијата на зелените го донесе т.н Закон за проституција, таа имаше намера да ја поправи правната и социјалната положба на проститутките во Германија. Оттогаш наваму проституцијата во Германија е легална и призната професија. Проститтутките можат социјално да се осигураат и да водат процес против клиентите кои одбиле да платат за услугите.

Критичарите меѓутоа предупредуваат дека само ретки во браншата ја користат можноста легално да ја пријават својата работа. Сојузната агенција за вработување вели дека во моментов во Германија се пријавени само 44 проститутки. „Проблемот е што законот сводниците (макроата) ги става во повластена позиција“, вели полицискиот службеник од Аугсбург Хелмут Шпрер, кој веќе 20 години се занимава со оваа проблематика. Тој појаснува дека „прописите за работа им дозволуваат на сопствениците на бордели да им пропишуваат на проститутките како и кога треба да работат, кои цени смеат да ги бараат за услугата и оти мораат да бидат голи“.

Bundesversammlung Alice Schwarzer

Алис Шварцер

Препуштени на милост и немилост на сводниците

Така проститутките кои не ги познаваат доволно своите права, се препуштени на милост и немилост на сводниците, вели Хлмут Шпорер. Тоа посебно е случај со младите жени од источна Европа, кои против своја волја мораат да се проституираат во Германија.

И германскиот магазин за жени „Ема“ , остро ја критикува сегашната законска регулатива во Германија и вели оти таа го толерира па дури и поттикнува модерното ропство. Затоа издавачката на магазинот, Алис Шварцер, бара Законот за проституција итно да се упати на доработување: „ Наша цел е заштита на жените, нивното право да ја напуштат проституцијата, но и можноста за кривично гонење на оние кои ги искористуваат“, вели Шварцер.

Поголеми права за жртвите на присилната проституција

Коалицискиот договор за идната германска влада на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и СПД навистина предвидува промени на тој закон. Пред сѐ во точките кои се однесуваат на присилната проституција. „Нема да ги казнуваме само луѓето кои продаваат жени како стока и ги присилуваат на проституција, туку и оние кои ја користат немоќта на жените“, порача Ерика Штајнбах, претседавачка со работната група за човекови права и хуманитарна помош на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг.

Идната влада нема само да го преработи постоечкиот закон, туку има намера видно да го поправи и сегментот на контрола на почитувањето на законот. Жртвите на принудна проституција, кои најчесто нелегално престојуваат во Германија, би требало да добијат подобро право на престој, доколку се согласат да се појават како сведоци во кривичен процес. Во иднина и без сведочење на жртвите би требало да биде можно да бидат осудени претстапниците.

Во Франција, на пример, веќе со децении се забранети борделите. А сега француската влада планира оние кои ќе бидат фатени на дело дека користат услуги од проститутки, да мора да платат казна од 1.500 евра. На оние кои ќе го повторат тоа им следува казна од 3.750 евра. Значи проституцијата во таа земја де факто не е забранета, но на проститутките им се одземаат клиентите. И додека феминистичките движења се залагаат за усвојување на тој закон, здруженијата на проститутки но и на корисниците на нивните услуги протестираат и спроведуваат акции за собирање на потписи против владините планови.