1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Борба против прикривањето данок

За да ја подобри незавидната состојба во државниот буџет, министерот за финансии Пер Штајнбрик им најави војна на оние кои го затајуваат данокот. На самитот на ОЕЦД во Берлин беа договорени и конкретни мерки.

default

Најдоа компромис: министрите за финансии на Швајцарија, Ханс-Рудолф Мерц (лево) и на Германија, Пер Штајнбрик

Едно од омилените места на Германците, кои се обидуваат да ги одбегнат даночните обврски, е Швајцарија. Во оваа соседна земја владее строга банкарска тајна со долга традиција. Во последно време германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик, меѓутоа, врши сериозен притисок врз швајцарската власт да покаже кооперативност по прашањето на даночното затајување. По средбата на двајцата надлежни министри на Германија и Швајцарија, Пер Штајнбрик и Ханс Рудолф Мерц, на маргините на конференцијата на ОЕЦД во Берлин, се чини дека е најдено компромисно решение. Швајцарската страна, имено, најави дека во иднина конструктивно ќе соработува со германските служби во борбата против затајувањето данок.

Меѓународно координирани мерки

На средбата на 20-те најразвиени земји од ОЕЦД, вчера во Берлин, беше постигната и согласност околу заедничките мерки против одбегнувањето на даночните обврски. Домаќинот на конференцијата, Пер Штајнбрик, оцени: „На почетокот постоеше подготвеноста на овие земји, поинаку од порано, навистина да се придржуваат до стандардите на ОЕЦД.

Eric Woerth und Peer Steinbrück OECD Tagung Steuerflucht

Координирани мерки: министерот Штајнбрик на конференцијата на ОЕЦД во Берлин

Сега, по бројните ветувања, очекуваме да дојдат и конкретни мерки што се однесуваат на спогодбите за одбегнување на двојното оданочување“, нагласи Штајнбрик и посебно ги пофали Австрија, Луксембург и Швајцарија за нивниот конструктивен пристап.

Министрите за финансии планираат во иднина не само да ги набљудуваат подетално финансиските центри, кои се покажуваат како некооперативни, туку...: „Во меѓувреме не станува збор само за офшор-центри, туку разговаравме за првпат и за финансиски конструкции како што се разни фондации, трустови и слично, кои исто така можат да отворат простор за прикривање на данокот“, појасни Штајнбрик.

Криминален чин

Германскиот министер за финансии неуморно го карактеризира прикривањето данок како криминален чин, бидејќи му штети на целото општество. Според проценките на експертите, Германија годишно губи околу 100 милијарди евра по таа основа. Дури и само 10% од нив да успее да врати во државните каси, тоа би била добивка од 10 милијари. Засега, меѓутоа, Штајнбрик може само да сонува за такво нешто. Дури на почетокот на јули ќе почнат преговорите со Швајцарија, на пример, околу конкретните обврски на тамошните банки кон германскиот фискус. Министерот Мерц посочи дека, принципелно, банкарската тајна во неговата земја останува на сила, но покажа готовност во одделни случаи, каде што постои сомневање за даночен деликт, швајцарските банки да соработуваат со надлежните служби во Германија.

Во секој случај Швајцарија и другите земји, во кои се одлеваат прикриените даночни средства, овојпат мораат да сторат нешто, бидејќи во спротивно им се закануваат сериозни санкции.

Автор: Сабине Кинкарц / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска