1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Борба против корупцијата“ со хакерски напад!

Наводниот кинески хакерски напад врз „Њујорк Тајмс“ покажува пред се’ дека борбата против корупцијата во Кина запира најдоцна кога се погодени интересите на моќните фамилии. Коментар на Матијас фон Хајн.

„Вен Џијабао - најголемиот кинески актер“ е насловена книгата на писателката Ју Џи. Во Кина ова дело објавено во 2010 година е забрането. Не e ни чудо, оти Ју Џи систематски ја секцира внимателно инсценираната слика на кинескиот премиер како едноставен и скромен човек на народот.

Дека зајадливата критика на Ју Џи можеби е со право јасно се покажа во октомври 2012 година, кога „Њујорк Тајмс“ објави извештај за имотните односи во фамилијата на Вен Џијабао. Во извештајот, на кој авторите работеа повеќе месеци, се наведува дека членовите на разгранетиот клан под услови на социјализам со кинески карактеристики присобрале две милијарди евра.

Првата реакција на режимот: Интернет страницата на „Њујорк Тајмс“ беше блокирана во Кина. Втора реакција: На дописникот на весникот во Пекинг не му беше продолжена акредитацијата - иако тој воопшто не го напша прилогот. Третата реакција беше тајна и „Њујорк Тајмс“ дури сега ја откри: систематски хакерски напад и тоа повеќе месеци.

Deutsche Welle Chinesische Redaktion Matthias von Hein

Матијас фон Хајн

Во природата на сајбер нападите е, да не може да се утврди напаѓачот со стопроцентна сигурност. Но „Њујорк Тајмс“ има голем број индиции, кои укажуваат на напади од Кина. Се чини како напаѓачите особено да се интересирале за и-мејл адресата на Дејвид Барбоза. Шефот на шангајската канцеларија на „Њујорк Тајмс“ го напиша прилогот за брзо збогатените роднини на Вен Џијабао. Тие сакале да откријат, кој го навел Барбоза на трагата за имотните состојби и поседувањето на недвижности.

Кинеските политичари постојано ја критикуваат корупцијата како основно зло на општеството. Вен Џијабао во минатото самиот повеќепати укажа на тоа колку е експлозивна мешавината од растечките разлики во добросостојбата, инфлацијата и далеку распространетата корупција. Во еден говор во 2011 година Вен корупцијата ја нарече најголема опасност за Комунистичката партија. Исто така и минатиот ноември избраниот партиски лидер Кси Џинпинг, барем реторички најави борба против корупцијата. Ќе се бори против „тигри и муви“ односно под лупа ќе бидат поденакво и службеници на високи и на пониски функции. Меѓутоа Кси Џинпинг и самиот беше предмет на еден извештај: изминатиот јуни американскиот медиум „Блумберг“ информираше дека фамилијата на Кси Џинпинг насобрала имот од 300 милиони евра. Исто така и „Блумберг“ веднаш беше блокиран во Кина.

Постапките против „Блумберг“ и „Њујорк Тајмс“ покажуваат дека борбата против корупцијата останува на вербално ниво, а делата не се гледаат. Се’ уште се погубува гласникот на лошите вести. Причините не се менуваат: Транспарентоста не е посакувана вредност во еднопартиската држава. Заложбите за послободен печат добија црвен картон на почетокот на годинава во скандалот околу весникот „Јужен викенд“. Функционирачка поделба на власта би била поврзана со политичките реформи, за кои не доаѓаат сигнали од новото раководство. Се разбира се преземаат мерки против корумпирани службеници и политичари. Меѓутоа и мечот за борба против корупцијата радо се употребува за да се отсранат интерно партиските противници.

Анализата на Ве Џијабао за опасноста од корупцијата во Кина е коректна. Но да се мудрува за симптомите нема да го отстрани проблемот. И особено не, односот кон медиумите, кои откриваат корупција.