1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борба за превласт во Букурешт

Владата во Букурешт сака да го симне претседателот од власт. Опозицијата говори за „државен удар“. Набљудувачите стравуваат за младата романска демократија.

Социјално-либералната влада на Романија ја продолжува борбата против претседателот Трајан Басеску. Денеска (06.07.) парламентот ќе одлучува за суспензија против Претседателот. Образложение: тој противправно си присвоил компетенции кои и’ припаѓаат на владата. Странските набљудувачи се загрижени за политичкиот развој во земјата. Американскиот амбасадор во Букурешт Марк Гитенстеин изјави дека постои закана за демократијата и правосудството во Романија. Слично се произнесе и комесарката за правда на ЕУ Вивиен Рединг.

Gunther Kriechbaum MdB

Пратеникот во Бундестагот Гунтер Крихбаум

Гунтер Крихбаум, претседател на одборот за Европа во Бундестагот во интервју за ДВ говори и за загрозување на правната држава.

„Секоја држава е повикана да ги регулира своите внатрешни работи“, вели Крихбаум. „Романија меѓутоа е членка на ЕУ и се обврза да ги споделува европските вредности“. Кон ова се вбројуваат демократијата и правната држава. Во Букурешт целосно се преструктуираат државните институции и на тој начин се создаде впечаток дека Романија станува управувана и дефектна демократија. „Тоа не може да и’ е сеедно на Европа“, предупредува Крихбаум.

Државен удар во Романија?

Повод за критиката од ЕУ е отворената борба за превласт меѓу социјал-либералниот сојуз и десничарско- конзервативниот табор. Владата на левиот центар на премиерот Виктор Понта прво ги смени претседателите на двата дома на парламентот. Тие и’ припаѓаа на опозиционата граѓанска Либерално-демократска партија.

Traian Basescu

Претседателот Трајан Басеску

Кулминација на досегашните превирања е поднесувањето на импичмент против претседателот Басеску. Тој ја осуди акцијата како „напад врз институциите на државата“. Опозицијата говори за „државен удар“ и „пуч“.

Толку далеку германскиот парламентарец не сака да оди. Државите на ЕУ меѓутоа треба да го следат развојот во Романија, смета Крихбаум, а на ова обврзуваат и лошите искуства од Унгарија. Гунтер Крихбаум потсетува: „Ние ги критикувавме случувањата во Унгарија кои со  право беа во фокусот. Но, она што се случува овде во Романија, далеку го надминува она што моравме да го доживееме во Унгарија“.

„Правосудниот систем мора да остане независен“

Зад недемократските засеци би можеле да се кријат две големи афери, кои во моментов ја оптоваруваат Социјалдемократската партија. Неодамна екс премиерот на Романија и член на оваа партија Адријан Настасе се обиде да се самоубие, откако Врховниот суд го осуди на две години затвор за нелегално финансирање на партијата.

Victor Ponta

Премиерот Виктор Понта

Истовремено актуелниот премиер Понта се бори против обвинувањата за плагијат на неговиот докторски труд. Еден пикантен детал: кога Понта го пишуваше докторатот, работеше како државен секретар за романската влада под Адријан Настасе, кој му беше ментор за докторатот.

Понта ги отфрла обвинувањата за плагијат и вели дека се работи за „политички маневар“ на неговите противници. Тој смета дека за обвинувањата е одговорен неговиот главен политички ривал, односно претседателот Трајан Басеску. Набљудувачите оценуваат дека Понта се обидува да се одмазди и истовремено да си ја осигура власта. Наметнување едноумие во правосудството е едно од средствата да се постигне тоа.

Vice-President of the German Bundestag Susanne Kastner smiles at the start of the 3rd joint parliamentary meeting on the Lisbon Strategy at the European Parliament in Brussels, Tuesday Feb. 6, 2007. (AP Photo/Geert Vanden Wijngaert)

Претседателката на одборот за одбрана во Бундестагот Сузане Кастнер

Од агол на ЕУ ова е неприфатливо. Унијата е „серизоно загрижена за последните упади во независноста на уставниот суд на Романија“, соопшти комесарката за правда Вивиен Рединг во писменото соопштение. Претседателката на одборот за одбрана во Бундестагот Сузане Кастнер во разговор со ДВ предупреди од прекршување на европските вредности: „Контрола на правосудниот систем не смее да има. Во една европска земја правосудниот систем мора да биде независен. Владата ќе направи добар чекор ако се придржува до ова правило, оти се’ друго ќе биде чекор во правец кој јас лично сметам дека не е добар“.

Романскиот устав му дозволува на парламентот да го суспендира шефот на државата доколку тој извршил „тешки прекршувања“ против уставот. Доколку дојде до тоа, граѓаните во рок од 30 денови треба да се изјаснат преку референдум дали Претседателот ќе биде симнат од власт. Во меѓувреме новизибраниот претседател на сенатот Крин Антонеско, според уставот втор човек во државата, пивремено ќе ја извршува функцијата Претседател, со сите овластувања, како на пример можноста да помилува некого - на пример поранешниот премиер Адриајан Настасе.