1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Борба за опстанок на автоиндустријата

Во Париз денеска (29.09) се отвора саемот на автомобили, таканаречениот Париски автосалон. Производителите на автомобили живеат во страв. Кризата во Европа само што почна, велат тие, стравувајќи за својот обрт.

„Европските автопроизводители се борат за преживување. Зад гламурот на саемските штандови се крие страв“, вели Фердинанд Дуденхефер, германскиот „папа“ на автомобилската економија од Универзитетот Дуизбург-Есен. Причината, според него, гласи: Европејците поради економската криза купуваат се‘ помалку автомобили. Експертите за наредната година предвидуваат најслаб обрт во последните 20 години. Релаксирање преку останатите светски пазари има се‘ помалку. Таму, според експертите, обртот наредната година ќе се зголеми за само еден процент.

Многу големи очекувања автопроизводителите немаат ниту од новите модели кои се изложени во Париз. Фолксваген го презентира новиот голф, Рено го прикажува Клио, а Опел новиот модел на мал автомобил - Адам. Форд се презентира со новиот Мондео, Ситроен со ДС3 Кабрио, а Тојота со Аурис Комби. „Новите модели би можеле да го раздвижат пазарот да не е должничката криза“, вели Дуденхефер. „Автопазарите во Јужна Европа се во незапирлив пад.“

Загуби од милијарди евра

На пример Форд: обртот во ЕУ во првите седум месеци падна за седум проценти, само во вториот квартал загубите се проценети на над 400 милиони евра. Сега европскиот оддел на американскиот концерн сака да скрати повеќе стотици работни места. И Опел, Пежо и Ситроен во делот на зделките во Европа ќе претрпат загуби од милијарди. „Европскиот автопазар е катастрофален“, воздивнува шефот на Фиат, Серџо Маркионе, кој на пазарот во Јужна Европа досега има пласирано многу мали автомобили.

Symbolbild Rabatt

Експертот Дуденхефер очекува 2013. година да биде најлоша во Западна Европа од 1993. година наваму - со само 11,6 милиони продадени автомобили. Францускиот концерн ПСА со марките Пежо и Ситроен прв повлекува кочница. По загубата од 819 милиони евра во првата половина од годината, врвот на концернот е со намера да затвори една фабрика во Париз. Ширум земјата треба да бидат скратени осум илјади работни места.

Но нема да остане на тоа. Според убедувањето на Дуденхефер, автопроизводителите се наоѓаат на почеток на кризата. „Шпанија има невработеност од 25 проценти. Таа невработеност нема да биде решена за две-три години. Франција, Италија, Португалија се соочени со рецесија, Грција е среде рецесија. Кризата во Европа не завршува, таа е на почеток.“

Тоа го чувствуваат дури и германските производители на луксузни автомобили. Дајмлер смета со оперативно намалување на добивката и реагира со мерки на штедење. „Во Европа се‘ повеќе се влошуваат условите на пазарот“, признава шефот на Дајмлер, Дитер Цече. Дури и на пазарот кој е во подем - Кина, состојбата е значително заострена.

VW Golf VII Präsentation

Веќе има реклами за попусти од 20% за новиот Голф

Се закануваат борби со попусти

Дека на автопроизводителите водата им е стигната до грло покажува и новата рекламна кампања на Опел со гаранција за враќање на парите - купувачите на нов автомобил смеат да го вратат својот Опел во рок од 30 дена доколку не поминале повеќе од 3000 километри, во случај да не се задоволни од возилото. Се вели дека на тој начин треба да се освојат нови купувачи. Но експертите од тоа читаат друга порака - беспомошност и очај.

Дури и Фолксваген, концернот што според мислењето на експертите ќе биде единствениот кој ќе излезе зајакнат од кризата, реагира се‘ понервозно. Шефот на Фолксваген Мартин Винтеркорн на еден собир на работни луѓе пред неколку дена во Волфсбург зборуваше за значително потешки услови на работење. Сепак, концернот се држи и натаму до целта - до 2018. година да стане „најдобар автопроизводител на светот“.

Дали ваквата продажна политика може да се постигне со новиот Голф е нешто на што се гледа критично: „Новиот Голф во меѓувреме во рекламите се нуди со попуст од 20 проценти“, нагласува Дуденхефер. „Автомобилот се‘ уште не се нашол на продажба кај трговците, а попустите се веќе тука. Тоа досега го немало.“