1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Борба за опстанокот на „Опел“

Германскиот министер за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг престојува во тридневна посета на САД. Во фокусот на предвидените разговори во Њујорк и Вашингтон е судбината на „Опел“.

default

„Опел“

„Опел“ настојува да се одвои од „Џенерал моторс“. Неговиот опстанок како европски производител на автомобили битно зависи од помош од државата во износ од 3,3 милијарди евра во форма на кредит или гаранции, но и од тоа, дали воопшто би имал лиценца да произведува автомобили. Токму во тој поглед министерот за стопанство очекува појаснување од раководството на „Џенерал моторс“. Најновите изјави на Карл-Петер Форстер, шеф на „Џенерал моторс“ за Европа, ги подгреваат сомневањата.

„Во САД, така да се каже, се земени во залог не само патентите, туку и фирмите-ќерки во Европа, кои во рамките на новото структурирање на европскиот оддел треба да му бидат подредени на ’Опел‘, а за трансакциите ќе ни биде потребна согласност од американската влада“.

Каква е фактичката состојба во „Џенерал моторс“

Сите патентни права „Џенерал моторс“ уште во 2005-та година ги префрли кај своја фирма, формирана специјално за таа цел. Патентите на „Опел“ и’ се продадени на фирмата ГТО („џи-ти-оу“) за повеќе од една милијарда евра. Форстер смета дека нема причина за загриженост.

Der Europa-Chef des Opel-Mutterkonzerns GM, Carl-Peter Forster

Карл-Петер Форстер

„Секој во концернот може да ги користи патентите и за тоа плаќа јасно утврдена лиценцна такса. Тоа е решение кое веројатно го имаат сите интернационални концерни, секогаш поаѓајќи од тоа дека фирмите-ќерки стопроцентно им припаѓаат“.

А што ако „Опел“ веќе не му припаѓа стопроцентно на „Џенерал моторс“, или дури и се одвои од него? Нема ли тогаш да биде премал во меѓународната конкуренција, а уште и без технолошко ноу-хау? Менаџерот на „Опел“ тврди дека на потенцијалниот купувач на „Опел“ му стојат на располагање сите патенти во целосен обем.

Експертот за автомобилизам Фердинанд Дуденхефер од универзитетот Дуизбург-Есен нагласува: „Ни за ’Џенерал моторс‘ нема никаква смисла патентите да останат в трезор додека да им измине важноста, туку е разумно тие да се користат, а кај ’Опел‘ би биле користени“.

Министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг сака да дознае и каква е фактичката состојба во „Џенерал моторс“. Пред поаѓање, од конгресот на германското стопанство во Минхен беше предупреден „... дека државата не треба да презема удел во претпријатијата. Ќе поддржиме гаранции во оправдани исклучителни случаи“, рече Дитер Хунт, претседател на Здружението на работодавачите.

Посетата на Гутенберг само почеток

Symbolbild Opel GM

Во исто време раководството на „Џенерал моторс“ во разговор со Комисијата на ЕУ во Брисел претпазливо се распрашуваше дали евентуална државна помош за „Опел“ би била во согласност со европското право за пазарна конкуренција.

Јасно е дека нема државна помош се’ додека „Опел“ не најде инвеститор за неговите планови за ослободување од „Џенерал моторс“ - а таков, како што призна Карл-Петер Форстер во изјава за Дојчландфунк, не е на повидок. Споменуваните „Тата“, „БМВ“, „Дајмлер“ и „Пежо“ дури јавно ја отфрлија таквата можност. Форстер и натаму не се сомнева во розовата иднина на „Опел“.

„’Опел‘ како марка, јасно позициониран во Европа, може да заработува пари и да биде и натаму профитабилен и успешен“. За да се дојде до таму, ќе следуваат уште многу разговори во САД. Посетата на германскиот министер за стопанство е само почеток.