1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Борба за воздух во Сингапур

Нивото на смог во воздухот во Сингапур, достигна рекордно ниво. Распродадени се сите маски за дишење. Екстремното количество смог се должи, меѓу другото, на шумските пожари на индонезискиот остров Суматра.

Редици пред дрогериите - тоа е ретка слика во Сингапур. Сега сите стојат во ред поради чадот и загадувањето кое се должи на пожарите на индонезискиот остров Суматра, кој е во близина.

Загадувањето се мери со ПСИ вредност. Кога ПСИ има вредност над 100, тоа значи нездрав воздух, над 300 значи опасност по здравјето. Денес вредноста на ПСИ во Сингапур изнесува дури 401. Маските за дишење какви што се продаваат во дрогериите се барем субјективна заштита. Но, маски веќе нема, се жали 22-годишниот Ален Лун: „Барав во целото соседство, но нема. Сите маски се продадени. Сега одам со шамивче на уста.“

И покрај предупредувањата да не се излегува без потреба, животот во Сингапур се одвива вообичаено. Нема надеж дека времето ќе се промени набргу, значи нема најава дека ќе вее ветер во друга насока или дека ќе заврне. Премиерот Ли Хсиен Лоонг дава малку надеж: „Не знаеме како ќе се развива ситуацијата. Тоа зависи од многу работи. Може да биде вака со недели. Сушата на Суматра завршува во септември или октомври.“

Потрага по подметнувачите на пожари

Indonesien Waldbrände Riau Provinz 20.06.2013

Во Индонезија има пожари на околу 100 шумски локации

Разговорите со индонезиската влада во Џакарта се одвиваат тешко. Индонезискиот министер за надворешни работи Марти Наталегава дава уверување дека се води истрага за да се пронајдат подметнувачите на пожари, но неговиот колега кој го води ресорот здравство вели дека граѓаните на Сингапур не треба да се однесуваат како плачливи деца. Освен тоа, како што се вели од индонезиската влада, претпријатијата за палмово масло кои се осомничени дека се одговорни за дел од пожарите, имаат блиски контакти со Сингапур. Ли Хсиен Лоонг тоа не го демантира: „На Индонезија и‘ доставуваме податоци за да се заврши истрагата за претпријатијата за кои се води. Ако тие имаат врски со Сингапур или Малезија, тогаш ќе ни бидат потребни докази за да ги истражиме случаите.“

Луѓето на сингапурските улици полни со чад посакуваат нешто друго. Ли Јонг, кој имал среќа да стигне некако до маска за дишење, вели: „Голем дел од населението има проблем да се снабди со она што е неопходно за заштита. Затоа мислам дека ни е потребен систем за рано предупредување, за следниот пат да бидеме подобро подготвени.“ Во соседна Малезија министерот за здравство нареди училиштата да се затворат на неопределено време.