1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Борбата на Грузија со Сталиновиот мит

Грузискиот однос кон Јосиф Сталин е постојано контрадикторен. Расправијата околу огромниот споменик во неговиот роден град Гори, окупиран од Русите во 2008 година, стана слика на националната шизофенија.

За некои Грузијци, Музејот на Сталин во центарот на Гори е грешка. Генати, туристички водич од главниот град Тбилиси не сака да влегува внатре. „Не ми се допаѓа многу“, вели тој. „Местото е морничаво“. Но сепак музејот е тука, во центарот на малата земја во Кавказ, повеќе или помалку како што беше замислено пред 62 години. Иако првично беше наречен историски музеј, има сомневања за неговата вистинска функција, со оглед на тоа што Јозеф Сталин го изгради баш до неговата скромна куќа од цигли каде што беше роден - сега елегантно зачувана и заштитена со бомбастичниот камен споменик.

Денес музејот наликува на малку застарен храм. Животот на Сталин е раскажан во хронолошки редослед, со големи фотографии, долги натписи, и колекција од реликвии - чкртаници со тинејџерска поезија, куфер кој младиот револуционерен го користел за време на неговото бегство од затворот во Сибир, делови од мебел и државни подароци од секаде низ светот по завршувањето на Втората светска војна.

Изложбата завршува во една кружна соба во која има само еден предмет - една од Сталиновите оригинални посмртни маски, поставена на подигнат пиедестал со низа на столбови одзади. Во собата се чувствува присуство на натприродна сила. “Бев исплашен од оваа зграда како дете, баш поради маската“, вели Тамар, 22 годишен студент по уметност. „Но сега овој музеј ми е само кичест“.

’Фалсификување на историјата’

Stalin-Statue in Gori, Georgien

45 отсто од Грузијците имаат позитивно мислење за диктаторот и 68 отсто го нарекуваат „мудар водач“.

Со оглед на таа антипатија, чудно е како музејот е се` уште тука. Западно ориентираната влада на претседателот Михаил Сакашвили, која дојде на власт во 2004 година, презема неколку чекори да го „десталинизира Гори“. Во 2010 беше закачен банер на музејот на кој пишуваше дека ја „фалсификува историјата и е типичен пример на советската пропаганда со обид да се оправда најкрвавиот режим во историјата“. Имаше планови музејот да се пренамени во Музеј на Сталинизмот, со изложби од жртвите на Сталин - милионите убиени во чистките, логорите и гладувањата за време на неговото тридецениско владеење. Но обидот беше спречен од вработените во музејот.

Во исто време владата преку ноќ го тргна шест метарскиот споменик за Сталин пред градското собрание. Отстранувањето предизвика бунт меѓу жителите на Гори, од кои 5.000 од нив потпишаа петиција да биде вратен. Регионалната влада беше на нивна страна и изгласа во декември 2012 да биде вратена оригиналната железна верзија на „човекот од челик“. На крајот на јули годинава, сојузната влада- сега контролирана од противниците на Сакашвили - и грузискиот министер за култура објави дека споменикот ќе биде обновен до 21 декември, роденденот на Сталин.

Шизофренија

Аферата со статуата и мешаницата за „реновирањето“ на музејот го илустрираат шизофрениот однос кој модерна Грузија го има кон нејзиниот познат син. Ова беше темелно анализирано од Карнеги фондацијата за меѓународен мир во извештајот објавен во март годинава, со наслов „Загатката за Сталин: Дешифрирање на пост-советското јавно мислење“. Според истражувањето, „Некои резултати се шокирачки. Можеби најзагрижувачки се бројките од родната земја на Сталин, Грузија. Неверојатни 45 отсто од Грузијците имаат позитивно мислење за диктаторот и 68 отсто го нарекуваат „мудар водач“.

Stalins Geburtshaus in Gori, Georgien

Неговата скромна куќа од цигли каде е роден е сега елегантно зачувана и заштитена со бомбастичниот камен споменик

Тоа може да се потврди и низ улиците на Гори. „Тој беше многу позната личност“, вели една постара жена за Дојче Веле. „Не ми се допаѓа политиката сега во Грузија“. „Сталин беше како втор бог за луѓето, за мене“, вели еден таксист. „На пример, луѓето кои беа многу сиромашни и не можеа да се образуваат, во време на социјализмот им беше истото овозможено “. Прашан за елиминациите и за луѓето кои ги уби Сталин, таксистот додаде само, „Тоа беше неизбежно“.

„Очигледно не ни се допаѓа што се уште има пријатни и нејасни чувства околу Сталин во Грузија“, вели Томас де Вал, аналитичар во Карнеги фондацијата и ко-автор на „Загатката за Сталин“. Тој истакнува дека дури и обидите на Сакашвили за „десталинизација“ се површни: „Малку е претерано да се нарекува програма за десталинизација. Тоа беше само програма за отстранување на симболите на Сталин но не и поттикнување на јавна дебата за него“.

Бомбардирањето на Гори

Тензијата во политичкиот живот на Грузија е присутна и денес. Пред пет години, во август 2008, Русија го бомбардираше и накратко го окупираше Гори за време на едномесечната војна за отцепената покраина, Јужна Осетија. Најмалку 60 грузиски цивили беа убиени и десетици беа повредени. Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) ја обвини Русија за неселективна употреба на бомби во градот, обвинение што Русија не го призна.

Michail Saakaschwili Georgien

Обидите на Михаил Сакашвили за „десталинизација“ се површни

Во периодот по војната, владата на Сакашвили ги употреби овие наводни злосторства во нивната историја за руската агресија. „Владата на Сакашвили ова го направи многу површно и го изврти во свои сопствени политички цели“, вели де Вал.

Но сево ова, според Вал, имаше мал ефект врз Сталиновиот мит во Грузија. „Мислам дека војната во 2008 не направи некоја голема разлика“, вели тој. „По 1956 година, Сталин не беше идентификуван како советски лидер на ист начин. Беше можно да си против Советскиот сојуз, а за Сталин во исто време“.

Грузија ќе избира претседател оваа есен, а Сакашвили мора да се бори за тоа што му остана, со оглед на тоа што неговата партија изгуби на парламентарните избори. Едно нешто сигурно научил досега - напаѓањето на Сталиновиот мит не е победнички чекор.