1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бон против неонацистите

За денеска во Бон и во други градови ширум Германија закажани се собири на неонацистите, задскриени како работнички протести на Денот на трудот. Граѓаните на Бон планираат да им се спротивстават.

Паула е исплашена. Оваа Кубанка, која не сака да го открие своето вистинско име, живее во Бон, град во кој десничарските екстремисти од целата покраина Северна Рајна Вестфалија за 1. мај закажаа демонстрации.

„Јас тој ден ќе го преседам дома. Опасноста од навреди или напади е преголема“, вели Паула.

Планираните протести на десните екстремисти не ја загрижуваат само Паула, туку и многу други граѓани на Бон. Голем дел од нив се подготвени отворено да им се спротивстават на демонстрантите. Волфганг Хиртер, претседател на општината Бојл во Бон, вели дека е неопходно да им се покажат заби на неонацистите. Тој одржа состанок со претставници на синдикатите, младинските иницијативи и партиите, кои дојдоа да го изразат својот револт поради протестите на неонацистите.

Граѓаните се особено лути поради фактот што на неколку метри од планираната рута на неонацистите се наоѓа споменикот на уништената еврејска синагога од страна на нацистите во 1938 година. Освен тоа, планирано е поворката да мине и по плоштадот Доктор Вајс, Евреин убиен од нацистите.

Веќе неколку години германските неонацисти одржуваат демонстрации. Годинава маршеви се најавени во Хамбург, Дрезден, Манхајм и други градови. Некогаш како организатор се појавува десноекстремната НПД, а некогаш се тоа таканаречени „непартиски сили“ или „автономни националисти“.

Организаторите на десноекстремистичките демонстрации на Денот на трудот често имаат „левичарски“ пароли на знамињата, со содржина против Европа, еврото или финансиските пазари. Демонстрациите во Бон годинава се одржуваат под мотото „Урни го финансискиот систем - надмини го ропството“. Ваквото барање денес би го потпишале многу Германци. Но, она што навистина стои зад демонстрациите го покажува повикот на т.н. „слободни сили во Рајнската област“. Организаторите на „националните и социјалистичките протести“ бараат „заедница на сите Германци“, што секако ги исклучува оние граѓани кои не се Германци.

Граѓански отпор

Волфганг Хиртер вели дека не може да сфати зошто полицијата не ги забранила демонстрациите. Насилството и потенцијалната опасност од десничарските сили се доволна причина за забрана, вели тој. Со него се согласува и Лена Шнајдер од Коалицијата за акција „Бон се спротивставува“.

Neonazis Demo Halle 1. Mai 2011 Protest Demonstration

Протести на неонацистите во Хале, на 1. Мај минатата година

„Ние сме вџашени и нашата должност е да им се спротивставиме“, вели Шнајдер. Од оваа коалиција планираат на повеќе начини да го спречат неонацистичкиот марш. Првата цел е да се оневозможат неонацистите да ја напуштат главната железничка станица во Бон.

Нивната акција доби поддршка и од Градскиот совет. Кон крајот на минатата недела беше усвоена резолуција во која се повикува на „спротивставување на насилството, дискриминацијата и расизмот“. Заедно со градоначалникот, Градскиот совет ги повика граѓаните на Бон во голем број да учествуваат во активностите против екстремната десница.