1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Боне: Македонците се добро информирани за германската култура

Интервју со раководителот на Одделот за печат и култура во Германската амбасада во Македонија, Соња Боне по повод одбележувањето на јубилеите - 60 години СР Германија и 20 години од падот на Берлинскиот ѕид.

default

Соња Боне, раководител на Одделот за печат и култура во Германската амбасада во Скопје

Г-ѓо Боне, Германија оваа есен ќе одбележи два значајни јубилеја – 60 години Сојузна Република Германија и 20 години од падот на Берлинскиот ѕид. По тој повод, Германската амбасада во Македонија организира бројни манифестации. Што конкретно подготвувате?

Боне: Ние навистина планираме нешто големо, планираме да организираме германски недели коишто ќе се одржат од 23 септември до 31 октомври во Скопје, но и во други градови во Македонија. Ќе се организираат повеќе од 30 настани поврзани со Германија од најразлични области - музика, танц, филм, ликовна уметност, литература, спорт, политика. За деталната програма информации има на следната интернет адреса: www.skopje.diplo.de

Каков е интересот на македонските граѓани за германската култура?

Боне: Многу ми е драго што интересот на македонските граѓани за Германија е многу голем. Една од причините е секако што многу Македонци имаат роднини и пријатели кои живеат во Германија. Особено задоволство ми е што Македонците се мошне добро информирани за германската кутура.

Дали како германски дипломати во Скопје сте задоволни од застапеноста на германскиот јазик во Македонија?

Боне: Многу ми е драго што интересот на Македонците за учење на германскиот јазик перманентно расте. Англискиот јазик, секако, најмногу се зборува во Македонија, но многу ми е драго што германскиот и францускиот се натпреаваруваат за второто место. Сметам дека во таа трка германскиот е на подобра позиција во однос на францускиот. Германската амбасада, заедно со нашите културните институции присутни тука, како што се Гете институтот и Германската академска служба за размена, сакаат да одговорат на тој интерес, да го опслужат тој интерес.

Се надеваме дека ќе ни‘ успее да ги развиваме нашите активности во насока на етаблирање на германскиот како странски јазик во Македонија. Тоа го правиме на различни начини. На пример, есенва ќе доделиме 11 стипендии за престој во Германија на наставници и професори кои ќе го усовршуваат германскиот јазик. Годинава, исто така, доделуваме 35 стипендии за студенти и професори за студии и истражувачки проекти во Германија.

Каков интерес кај македонската публика будат германските филмови кои редовно наесен се емитуваат во рамки на германскиот филмски фестивал во Скопје?

Боне: Имам впечаток дека македонската публика има голем интерес за филмот како уметност воопшто. Затоа, нашиот фестивал сигурно ќе наиде на плодна почва и годинава. Оваа година, бидејќи филмскиот фестивал е дел од јубилејот 60 години Сојузна Репбулика Германија, нема да прикажуваме само актуелни германски филмови, туку ќе пренесеме и дел од германската филмска историја. Така на пример, ќе емитуваме филм од нашиот славен режисер Вим Вендерс од 70-те години, но исто така ќе понудиме и еден мошне стар филм од 1945 година. Секако, ќе има и многу нови актеулни германски филмови.

Како реагираат љубителите на уметноста во Македонија на германската музика?

Боне: Германската музика е позната во Македонија. Не мислам само на познатите германски композитори на класична музика, како што се Бетовен и Бах, Мислам дека младите луѓе во Македонија слушнале за Токио Хотел и оти за генерациите меѓу 30 и 40 години Нена е поим како претставник на германска музика. Ние во рамките на германските недели би сакале да понудиме по нешто за сечиј вкус. Музиката е област која може уште повеќе да ги зближи Германија и Македонија. Иако сум само три месеци во вашата преубава земја, веќе увидов дека Македонија има многу богато и разновидно музичко наследство.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска