Бомби ја попречуваат изградбата на ветерници | Панорама | DW | 31.12.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Бомби ја попречуваат изградбата на ветерници

Големо количество заостаната муниција од Втора светска војна ги загадува германските приморски води. Нејзиното отстранување создава опасности за околината.

Малиот живописен град Нордајх, кој се наоѓа на северот од Германија, е место особено популарно меѓу туристите. Но малкумина од нив знаат дека на само неколку километри од брегот, под брановите се кријат неексплодирани бомби и нагазни мини.

„Во германские мориња има околу 1,6 милиони тони муниција“, вели Бернд Шерер, вработен во Министерството за заштита на животната средина во покраината Шлезвиг Холштајн, во секторот за заштита на морињата.

Во германските крајбрежни води и натаму има стотици тони авионски бомби и мини. Поголемиот дел од нив таму се подолго од половина век. Само во Северното Море има најмалку 1,3 милиони тони застарено оружје. Во периодот помеѓу 1945 и 1948 година, најголемиот дел од оваа муниција бил фрлен под надзор британската окупациска војска.

„По крајот на Втората светска војна една од главните цели било брзото отстранување на оружјето“, вели Шерер.

За транспорт на неексплодираните гранати се користеле сите видови бродови и чамци. Дури и приватни рибарски кајчиња носеле муниција до одредени локации на коишто таа била фрлана во морето. Секако, рибарите биле платени за ваквите услуги.

Стара муниција, нова опасност

Подводните депонии со децении не предизвикувале поголема загриженост кај властите. Но сега, тоа се менува. Ветерниците на крајбрежјето се клучен дел од програмата на германската влада кога станува збор за обновлива енергија, но застарената муниција која се наоѓа на дното ја пролонгира нивната изградба.

Fünf-Tonnen-Bombe am Strand von Helgoland Archivbild

Уништувањето на бомбите од Втората светска војна трае со децении

Јан Келбел, технички директор на меѓународната компанија за уништување на неексплодирана муниција, „Боскалис Хирдес“, вели дека на дното на морето нашле многу повеќе оружје отколку што се надевале:

„Нашите очекувања беа дека ќе најдеме муниција на околу 50 различни локации на дното на морето, но досега најдовме 200 локации.“

Неговиот тим работи на островот Боркум, каде што морското дно треба да се исчисти за потоа да се спроведе подводен кабел за ветерници.

Чувствителни осигурувачи

Во август, на песочен остров во Северното Море тимот на Келбел успешно деактивирал авионска бомба од Втората светска војна. Во поголем дел од случаите, контролираната детонација е најбезбедниот начин за ослободување од заостанатата муниција.

Wasserbombe am Strand auf Wangerooge Archivbild

Бомба од војната на брегот кај Вангерооге

„Овие бомби имаат специфични осигурувачи поради кои транспортот е практично невозможен“, објаснува Келбел.

Меѓутоа, контролираните експлозии имаат големо влијание врз морскиот еко-систем:

„Во тој дел од Северното Море живеат неколку животински видови како морски прасиња, сиви и обични фоки“, вели Петер Лијенау, директор на станицата за фоки во Нордајх.

„Се разбира дека контролираните подводни експлозии штетно влијаат врз морските цицачи“, објаснува Лијенау, кој исто така додава дека во одреден период од годината за животните се штетни и експлозиите над површината.

„Во летните месеци се раѓаат многу фоки и често се случува мајките исплашени од експлозијата да ги напуштат своите млади“, објаснува Лијенау. Контролираните експлозии можат да ги пробијат белите дробови и ушните мембрани на фоките во радиус од четири километри. Слухот на морските цицачи може да се оштети и од експлозии на радиус од 10 километри.

Правни насоки за подводните депонии

Во наредните две децении, ветерниците поставени во морското крајбрежје на Германија, би требало да произведат значајно количество на обновлива енергија. Со оглед на тоа што и други земји се‘ почесто го преселуваат производството на енергија кон морето, сосема е извесно дека и тие ќе се соочат со слични проблеми.

Reportage Helgoland Klimawandel in der Nordsee

Слухот на морските цицачи може да се оштети и од експлозии на радиус од 10 километри

Унијата за зачувување на природата и биолошката разновидност (Nature and Biodiversity Conservation Union – NABU) е една од повеќето организации за заштита на животната средина кои бараат од германските власти да донесат правни насоки со кои ќе се регулира постапувањето со подводните депонии. Во моментов, нема конкретни правила кои би се однесувале на контролираните експлозии.

Келбел, кој е експерт за уништување на боева муниција, се согласува дека правните насоки би биле од голема полза:

„Засега, нема никакви општи правила. Ние работиме во доста чувствителна средина. Уништувањето на бомби во морето е многу тешка и одговорна работа, бидејќи пред експлозијата мора да провериме кои животни се застапени во тоа подрачје и како тие може да се заштитат од детонацијата“, завршува Келбел.