1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бомбаш-самоубиец се разнесол во Бургас

Бројот на жртвите во бомбашкиот напад врз израелски туристи во Бургас се искачи на осум. Бугарските власти се сомневаат дека нападот го извел бомбаш самоубиец. Израел има друга теорија.

Осуммина загинати и 32-ца ранети е последниот биланс од бомбашкиот напад кој синоќа (18.07) го потресе бугарскиот туристички град Бургас. Меѓу загинатите, шестмина се израелски туристи, а двајца се бугарски државјани, соопшти израелското министерство за надворешни работи.

Според информациите кои во текот на ноќта и утрово ги соопштија бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов, речиси е сигурно дека нападот го извел бомбаш-самоубиец, чиј вистински идентитет се‘ уште не е утврден, но се знае дека имал лажни документи од американската сојузна држава Мичиген.

Bulgarien Flughafen Burgas Explosion Israelischer Reisebus

Бугарскиот претседател Плевнелиев на местото на експлозијата

Израелските власти експресно го обвинија Иран дека го спонзорирал нападот, чии извршители биле припадници на радикалното либанско движење Хезболах. „Егзекуторите се припадници на Хезболах, кои добиваат поддршка од Иран“, изјави израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак.

Туристите со чартер лет пристигнале од Тел Авив во Бургас и се сместиле во автобус на самиот аеродром. Снимките од безбедносните камери покажуваат човек со долга коса како последен влегува во автобусот, пред да одекне силна експлозија.

Иран засега не реагираше на обвинувањата од Тел Авив, а бугарските власти се воздржуваат од коментари за заднината на нападот.

Bulgarien Flughafen Burgas Explosion Israelischer Reisebus

Туристите со чартер лет пристигнале од Тел Авив во Бургас и се сместиле во автобус на самиот аеродром

Нападот се случи на 18-годишнината од нападот врз седиштето на најголемата еврејска организација во Аргентина во 1994 година, кој го изврши бомбаш-самоубиец припадник на Хезболах, и во кој загинаа 85 луѓе.

Израелските власти и претходно тврдеа дека Бугарија, која е популарна дестинација за израелските туристи, е потенцијална цел на напади од исламски терористи кои би се инфилтрирале од Турција. Во јануари годинава, израелските медиуми јавија дека бугарската полиција открила бомба во автобус со кој група израелски туристи требало да се превезат до познат зимски туристички центар.

Изминатите месеци израелски дипломати беа цел на повеќе напади, за кои Тел Авив тврди дека се инструирани од Иран. Иако Техеран досега демантираше вмешаност во нападите, некои аналитичари веруваат дека Иран на овој начин се обидува да се одмазди за убиствата на неколку научници кои работеа на развој на нуклеарната програма во таа земја.

Осуда на нападот пристигна од сите страни на светот. Американскиот претседател Барак Обама нападот го нарече варварски акт и најави поддршка за истрагата.