1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бомбашки напад врз француската амбасада во Триполи

Две лица се повредени во нападот и предизвикана е значителна материјална штета. Либиските власти го означија нападот како терористички

Автомобил бомба утрово експлодираше пред влезот во зградата на француската амбасада во Триполи. Двајца чувари се ранети, а предизвикана е голема материјална штета на амбасадата, и на околните згради. Либиското министерство за надворешни работи го означи нападот како „терористички“. Француските власти остро го осудија нападот.

„Во соработка со либиските власти ќе сториме се’ да ја откриеме позадината на нападот и да ги идентификуваме извршителите“, соопшти француското МНР.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Ова е прв напад врз странско претставништво во Либија, откако во септември минатата година вооружени милитанти упаднаа во зградата на американскиот конзулат во Бенгази. Во тој напад загинаа четворица американски државјани, вклучително и амбасадорот Кристофер Стивенс.

Франција, под претседателство на Никола Саркози, ги предводеше воздушните напади врз Либија во 2011 година кои имаа за цел симнување од власт на Моамер Гадафи. По падот на Гадафи, Либија е соочена со постојана нестабилност. Франција е предводник и на воената мисија во соседен Мали, каде беше интервенирано против исламските екстремисти кои се закануваа да ја преземат власта.