1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Бомбашки напади во Њу Делхи

Светлината на денот ги покажа сите размери на уништувањата на трите места каде што се случија нападите: во центарот и во јужниот дел на индискиот главен град.

Размерите на уништувањата се огромни

Размерите на уништувањата се огромни

Иследниците трагаат по остатоците од експлозивот, а премиерот Манмохан Синг уште синоќа изјави дека веќе постојат некои знаци за извршителите, но не спомна никакви детали. Во кусото обраќање до јавноста Синг рече:

„Ова е кукавички напад против иднискиот народ. Терористите сакаат да шират страв меѓу нашиот мирољубив народ. Мораме да ги уништиме таквите планови и нема да дозволиме да имаат успех. Решителни сме да се бориме против сите видови тероризам„.

Полицијата во истрагата тргнува од фактот дека зад сите три напади стои една група. Шефот на полицијата во Њу Делхи Пол вели:

„Во моментов не можеме да кажеме ништо за видот на експлозивот. Меѓутоа, фактот што експлозиите се случија скоро истовремено, укажува на тоа дека зад нив стои иста група„.

Полицијата и владата демонстративно одбиваат да шпекулираат за атентаторите, за разлика од опозицијата и експертите кои тврдат дека станува збор за пакистански муслимански екстремисти, па дури и за пакистанската тајна служба. Се претпоставува дека целта на нападите била да се спречи натамошното индиско-пакистанско приближување. Се почесто се спомнуваат имињата на две познати екстремистички групи од Пакистан:„Лашкар е Тоиба„ и „Јаиш е Мохамед„.

И покрај тоа, Индија и Пакистан постигнаа согласност за делумно отворање на линијата на примирјето во Кашмир за да се овозможи достава на помошта за преживеаните од земјотресот. По долги и жилави преговори, договорено е на пет места Кашмирците од обете страни на таа линија од 7 ноември да можат да се среќаваат и пешки да префрлуваат помош на другата страна. Политички многу значаен чекор и тоа токму во сегашната клима на страв и несигурност по бомбашките напади. Индискиот премиер Манмохан Синг апелираше до населението:

„Останете мирни и не ширете паника, не верувајте во шпекулации и гласини, туку продолжете го нормалниот живот„.

Сепак, властите од синоќа во цела Индија кренаа тревога. Мерките за безбедност посебно се заострени на аеродромите, железничките станици и во популарните трговски центри.