1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Болт ја врати круната, прв медал за Германија

Јусеин Болт победи во московското финале на 100 метри, потврдувајќи ја својата спринтерска супериорност. По вториот натпреварувачки ден од СП медал освои и Германецот Михаел Шрадер.

Штотуку се подготвуваше стартот на големото финале на 100 метри кога заврна и молњи почнаа да го осветлуваат небото над Москва. Временските прилики беа испречени пред најспектакуларниот момент од светското првенство. И токму во тие моменти блеска најсилната молња, иницирана од „Громовникот“, Јусеин Болт. Го крена „Лужники“ на нозе како само тој што знае, истрча брзо суверено победувајќи во големото московско финале со светски вредни 9.77. Тоа е најбрзата трка во историјата, истрчана во услови на дожд. Болт го врати приматот во спринтот, загубен на претходниот шампионат во Даегу. Тој останува неприкосновен на патеката на најголемите атлетски сништа.

„За мене ова беше забава. Ова не беше некаков реванш за Даегу! Едноставно, дојдов во Москва со цел да ја освојам титулата. Сакав да истрчам подобар резултат, но денот беше онаков каков што беше! Не беше за 'пеење на дождот', туку за 'трчање на дождот'! Што се однесува до мојата изведба, не беше перфектна, особено не беше добар стартот. Се надевам на подобри трки на 200 метри и во штафетата 4 пати по 100 метри“, во свој стил зборуваше расположениот Болт по 6-от освоен златен медал на светските атлетски првенства.

Во бурното финале, според очекувањата Американецот Џастин Гетлин му беше главен опонент на Болт со одлични 9.85! Неста Картер го искористи својот момент, со бронзениот медал влегувајќи на листата на славените на својата Јамајка, земја која првпат на едно големо натпреварување имаше дури 4 имиња во финалето!

Шрадер, сребрен десетобоец

Германија во минатото имаше славни десетобојци,олимписки шампиони, светски рекордери. Но, времето како да застана за некогаш „германската дисциплина“! Изминаа скоро две децении од последните освоени одличја на олимписките игри или светските првенства.

Leichtathletik WM 2013 Moskau Zehnkampf Michael Schrader

Сребро за Шредер

Михаел Шрадер ги врати убавите спомени. Ги надмина сите очекувања на тартанот во Москва, освојувајќи го сребрениот медал. Со 8.670 собрани бодови не можеше да го загрози светскиот рекордер, Американецот Ештон Итон, но Шрадер со овој резултат ја подобри вредноста на личниот рекорд за дури 148 бодови. На Германија тој и го донесе првиот медал во Москва. Го заслужи местото на подиумот со исклучителниот настап подобрувајќи ги личните рекорди дури во 4 дисциплини. Михаел Шрадер не е ново име во германската атлетика.Тој, многу млад беше дел од олимпискиот состав во Пекинг. Го освои 10-то место. Кога се очекуваше брз пробив во елитната група на десетобојци се повреди и долго паузираше. Воден од некогаш истакнатиот десетобоец Торстен Фос, 26 годишниот Шрадер во Москва го постигна својот најголем успех. Во него, германската атлетика добива десетобоец за нови високи дострели.

Нова спринтерска бура

Следи нов ден на мундијалот во Москва, преполн со провокативни натпреварувања. Сепак, спринтот и денеска ќе е главниот хит. Најнапред ќе истрчаат виртуозите преку високите пречки. 110 метри со пречки, ќе е трка со виртуозни протагонисти. Во отсуство на Кубанецот Дарен Роблес и Кинезот Лиу Ксијанг, Американците без сомнение ќе доминираат. Мерит е светски рекордер, Ричардсон светски првак, Оливер позната величина, која трча во одлична форма. Конкуренција за резултат од светска вредност. Точно пред 20 години на тартанот во Штутгарт, Британецот Колин Џексон го истрча првиот и последен светски рекорд во оваа дисциплина од 12.91. Има многу причини и Москва да остане запаметена.

Ако машката „стотка“ беше во знак на неприкосновениот Болт, женското финале на 100 метри е сосема поинакво, приказна со поголем заплет и со неизвесен расплет. Американките Џетер и Фримен и Стјуарт и Шели- Ен Фрејзер од Јамајка се предводничките на двете спротиставени сили. Но, финалето се претвора во магичен спринтерски триаголник, чиј дел е и извонредната Нигеријка Блесинг Окагбаре. Многу е брза и самоуверена. Нема да биде изненадување ако спринтерската круна се пресели во Африка.