1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Болната госпоѓа Европа

Светската економија полека се опоравува, но во Европа се‘ уште не се гледа крај на кризата. Дури и самото јадро на еврозоната почнува да слабее, предупредува Меѓународниот монетарен фонд.

Светската економија годинава ќе порасне за 3,3 проценти, а следната година растот се очекува да достигне и 4 проценти. Тоа е прогнозата на економските аналитичари од Меѓународниот монетарен фонд во извештајот за светската економија, презентиран во вторникот (16.04) во Вашингтон.

Во порастот придонес ќе имаат речиси сите светски региони, со исклучок на Европа. Еврозоната останува единствениот регион кој и натаму е во рецесија. Годинава економијата ќе опадне за 0,3 проценти.

Оливие Бланшар, главен економист на ММФ, говори за три различни брзини на опоравувањето. „Растечките и земјите во развој и натаму растат брзо. Кај развиените земји гледаме поделба, на едната страна се САД, а на другата е еврозоната“, вели Бланшар.

Мотори на развојот

Американската економија годинава ќе забележи раст од 1,9 проценти, но веќе следната се очекува позитива од 3 отсто. Уште повисоки се бројките кои ги бележат брзорастечките и земјите во развој. Со раст од 5,3 проценти годинава и 5,7 во следната година, овие земјите се враќаат во позитивен тренд. За Кина, ММФ очекува раст од повеќе од 8 проценти годинава, во Индија - 5,7 проценти.

И африканските земји јужно од Сахара стануваат мотор на развојот на светската економија. „Овие држави и во 2012 година пораснаа за пет проценти“, вели Абдул Абиад, економски аналитичар во ММФ. Таквиот тренд ќе продолжи и оваа и следната година, со очекуван пораст од 5,5 и 6 проценти. „Тоа е резултат на големата побарувачка на внатрешниот пазар, како и од зголемената

Olivier Blanchard Weltwirtschaftsausblick IWF 2013

Оливие Бланшар

потрошувачка и инвестициите“, вели Абиад.

Дури и јапонската економија, која со години стагнира, годинава ќе бележи раст од 1,5 проценти, што е далеку повеќе од еврозоната.

Европските држави како Италија и Шпанија годинава ги очекува негативен биланс од 1,5 отсто пад на економијата. Уште потешка е состојбата во Грција (-4,2), Португалија (-2,3) и Словенија (-2,0). За Кипар не се објавени проценки.

Кризата се сели кон центарот

Забавениот развој на еврозоната не го отсликуваат само тешко погодените кризни подрачја. „Постојат проблеми и во центарот. Во Франција годинава очекуваме негативен раст“, вели аналитичарот Бланшар. Ни Германија повеќе не може да ја турка напред лошата економија во еврозоната. Годинава ќе биде забележан минимален раст од 0,6 проценти. „Слабиот раст во јадрото на еврозоната е лоша вест. Тоа е особено лоша вест за земјите од периферијата, кои се зависни од силниот центар“, вели Бланшар.

Според него, бавниот развој на Европа е причина за загриженост. Состојбата на банките и натаму е нестабилна, инвестициите и приватната потрошувачка се многу ниски. „Нашата порака гласи: мора да се размислува за стимулација на приватната потрошувачка“.

Ваквите ставови можат да се сфатат и како самокритика на луѓето во ММФ. Имено, токму ММФ инсистираше на остри мерки за штедење, кои го запреа растот во Европа. Мерките за штедење мора да се прилагодат на секоја ситуација, објаснува сега Бланшар. „Тие треба да бидат веродостојни, но не треба да имаат негативно влијание врз развојот“.