1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Болеста се знае, се чека лекот

Македонија ангажираше странски експерти да ја испитаат вкупната загаденост од рафинеријата ОКТА. Резултатите треба да понудат решение како да се прочисти она што се загадувало повеќе од 20 години.

default

Рафинеријата ОКТА

Стручњаци од Словенија и Австрија истражуваат колку рафинеријата ОКТА за време на тридецениското постоење ја загадила почвата и водите во нејзината околина. Земени се мостри, се очекува резултатите да ги потврдат анализите на домашните еколози, според кои во земјата се присутни тешки метали, а водите се бактериолошки загадени.

“Словенечките експерти се специјализирани за загадување на почва и вода од нафта и нафтени деривати, ги очекуваме до средината на април, кога треба да се намали нивото на подземните води за да бидат резултатитите што е можно поверодостојни“, изјави за Дојче Веле заменик министерот за животна средина, Соња Липиткова.

Се купува време, обвинуваат жителите

Врз основа на резултатите, странските експерти ќе препорачаат технологии и хемиски методи за прочистување на водите и почвата. Загадувањето на воздухот од страна на рафинеријата според надлежните е минато. Но жителите на селата во близина на ОКТА не се согласуваат дека проблемот е решен. Велат дека државата не ги исполнила ветувањата што ги презеде есента кога мештаните со блокадите кои траеја со денови го свртеа вниманието на јавноста кон нивниот долгогодишен проблем.

“Беше договорено да биде исчистен каналот и да биде поставен цевковод. Злосторство се врши врз нас. Се купува време, не знаеме што се случува“.

Жителите на Миладиновци, мало село речиси залепно до рафинеријата велат дека десулфуризаторот е поставен попусто. Деновиве загадувањето во воздухот не се чувствува, бидејќи рафинеријата не работи. Но штом оџаците почнат да чадат, тешко се живее во околните села се жалат луѓето.

Okta-Raffinerie in Mazedonien

“Многу мириса, секое утро не се дише“

Мерните станици што се поставени во околината на рафинеријата во последниве месеци не регистрирале зголемено ниво на сулфур во воздухот. Според тоа, загадување во воздухот нема, вели Липиткова.

Државата досега има поднесено две пријави против рафинеријата, една прекршочна и една кривична поради загадување на животната средина. Грчките сопственици со купопродажниот договор од 1999 година беа обрзани да набават десулфиризатор за да го модернизираат производствотото на бензини. Жалбите на луѓето кои живеат во околината на рафинеријата дека секојдневно се изложени на загадување и статистиката, која бележи раст на бројот на заболувања како последица на штетните влијанија го привлекоа вниманието и на меѓународната јавност. Група европарламентарци есента ја посетија ОКТА и ветија дека за проблемот ќе алармираат во Брисел и во Стразбур. Студијата за историската загаденост во околината на ОКТА, што го подготвуваат меѓународните експерти треба да биде готова до јуни.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска