1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Божикно послание: Да размислуваме за децата и младите

Православните христијани денеска го слават Рождеството Христово - Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква се одржуват божикни литургии.

default

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан

Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужи Златоустова литургија.

По повод Божик, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога. Во него, меѓу другото се вели:

„Настанот со Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништива жед на

Orthodoxe Weihnachten in Mazedonien

Божикни литургии има во сите храмови

човекот кон доброто... Овој празник нe‘ повикува да размислуваме за децата и младите, а особено за загрижувачката состојба со рожбите во нашите семејства, на сe‘ поголемиот број разводи и на десетиците илјади годишни прекини на бременоста. Светата Црква и на овој ден и од ова свето место ги повикува и потсетува брачниците на благословот Божји и обврската кон родот, како и на тоа сериозно да се разбере потребата од повеќе деца во нашите семејства... Загрижувачки се податоците за постојаното намалување на бројот на новороденчињата, а оттаму на учениците и паралелките во нашите училишта, што говори дека се намалуваме и старееме како нација...

Но, не е доволно само да се има деца: добро е да имаме повеќедетни семејства, но неопходно е на истите да им дадеме и добро воспитување. Секојдневно слушаме и гледаме различни негативни примери на однесување и постапување кај нашите млади, а тоа не води кон добра иднина. Децата треба да ги учиме на примерно поведение, да ги воспитуваме во духот на провереното и докажаното добро – а тоа е во духот на Христовата наука. Конечно, време е родителите и надлежните институции посериозно да му пријдат на предметот веронаука во нашите училишта, зашто потребниот пристап кон тој предмет би значел и заеднички влог за подобра иднина.“

Во посланието се нагласува радоста поради 45-годишнината од возобновувањето на „автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква“ и се додава: „Тој блескав историски момент беше, е, и треба да остане трајна сенародна и сецрковна придобивка на нашиот православен народ и на нашата Татковина. Со оваа значајна историска одлука беше исправена двовековната неправда кон нашата древна Црква.“

Божик е традиционален семеен празник

Божик се слави во спомен на раѓањето на Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. Во Црквата овој празник почнува да се празнува при крајот на третиот век, затоа што дотогаш Црквата не му придавала многу значење на телесното раѓање. Многу поважно го сметала духовното раѓање,

Orthodoxe Weihnachten in Mazedonien

Бадниковото гранче се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството

односно крштението. Божик започнува да се слави со Бадник, денот пред Божик. Со него се поврзани многу обичаи и симболи. Рано наутро, на Бадник децата одат по куќи и пеат разни песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде. Децата ги симболизираат пастирите, а домот, каде што одат ја симболизира пештерата во која е роден Младенецот. Постои уште една симболика. Децата се Господ Исус Христос и затоа добиваат дарови, а домаќините се симбол на мудреците кои ги принеле даровите пред Младенецот.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството.

За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот, наречен Коледица или Коледе. И денес и во минатото во селата и градовите во сите краишта во Македонија, поголеми или помали групи на луѓе палат огнови и пеат песни, а денес се избира и кум, кој меси погача со паричка. Оној, кај кого ќе падне паричката, наредната година станува кум.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Симе Недевски