1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Боденското езеро пример за развој на туризмот во Костур

Високата невработеност и падот во индустријата со крзна го принудија северногрчкиот град Костур да се преориентира. Најдобрата алтернатива е туризмот. Во тоа би можела да помогне Германија.

Костур во Грција важи за богат град. Тука се шијат околу четири проценти од крзната произведени во светот. Порано уделот беше уште повисок, но конкуренцијата од Кина стануваше се’ поголема. Во грчкиот град се намали бројот на вработени во оваа индустрија, а невработеноста во регионот се зголеми на повеќе од 30 проценти. Младите и оние со добро образование среќата почнаа да ја бараат на друго место. За да се сопре овој егзодус и да му се отворат нови перспективи на регионот, постои иницијатива за засилено ангажирање во туристичката бранша. За ова дискутираа локалните политичари од Костур на еден семинар на германската фондација Фридрих Еберт.

Без заштита на животната средина нема туризам

Природните услови за развој на туризмот се многу добри. Костур лежи на 700 метри надморска височина, на езеро од околу 30 квадратни километри и во планинско опкружување. Меѓутоа квалитетот на водата во езерото е лош, така што ниту туристите, ниту жителите, не се капат во него. Порано водата во езерото се загадуваше преку градската канализација, се жали одговорниот за еколошки прашања во Костур, Стерјос Гаргалас. Пречистителната станица не го реши целосно овој проблем, оти се’уште има населби кои не се приклучени на јавната канализација. Кон ова се надополнува индустрискиот отпад, но и пестицитите кои ги носи дождот од околните плантажи.

Heinz Gerd Schröder

Хајнц Герд Шредер

Ваквите проблеми не се новина за Хајнц Герд Шредер. Раководителот на Институтот за истражување на езерата на Боденското езеро известува дека и на водите на ова езеро им се заканувало зголемено загадување поради непрочистени отпадни води. Тоа доведе до прекумерна понуда на прехранбените материи што предизвика масовно размножување на алгите.

Со голем број пречистителни станици и строги мерки по повеќе децении се успеа да се гарантира многу добар квалитет на водата. Одлучувачко за овој успех е, вели Хајнц Герд Шредер, да соработува и населението. „Ако тоа не е така“, вели тој „тогаш ќе трае подолго. Оти ќе има луѓе кои велат: тоа мене не ме засега“.

Мала доверба во домашните експерти

На Боденското езеро напорите се исплатеа: заштитата на водите не само што го обезбеди резервоарот со вода за пиење за населението, туку и го поттикна туризмот. Преку 1,2 милиони туристи годишно го посетуваат Боденското езеро. Имиџот на еколошки чист регион се поттикнува и со тоа што, на пример, овошјето се одгледува под биолошки услови.

Lothar Riebsamen

Пратеникот во Бундестагот Лотар Рибсамен

Земјоделците формираа здруженија, истакнува пртеникот во Бундестагот Лотар Рибсамен, за да можат да ги пласираат нивните производи и да ги продаваат директно на туристите. На тој начин земјоделците исто така имаат полза од туризмот. Ова би можело да биде пример и за регионот Костур. Германскиот политичар им предлага на Грците, оние кои треба да донесуваат одлуки и стручњаци, да ги испратат неколку недели или месеци на Боденското езеро, за да се запознаат со тамошната администрација и да видат како тие „се справуваат со предизвиците во областа на заштита на животната средина“. Ова би можело да приоднесе во Грција да не се повторат грешките кои беа направени на Боденското езеро.

Irini Georgosopoulou-Miskia

Ирини Јоргосополу Мискиа

Во Костур дотаму не се стигнати. Но таму се свесни за проблемите и ги знаат нивните причинители. На семинарот грчките експерти детално и стручно ги анализираа. Меѓутоа особено важно е нешто друго: „Кога Грците ќе им раскажат на другите Грци, што треба да прават, тогаш тоа нема да биде прифатено“, вели заменик градоначалникот на Костур, Ирини Јоргосополу Мискиа. „Ако врз основа на конкретни пример од земји, кои не се многу оддалечени од нас, можеме да укажеме на успеси, тогаш уверена сум дека тоа постепено ќе ги убеди луѓето“.

Од германската страна стои понудата за соработка, меѓутоа мора да дојде конкретно барање од Грција.