1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Богов: Инфлацијата нема да расте

Новиот гувернер на Народната Банка на Македонија, Димитар Богов, во интервју за ДВ зборува за каматните стапки, за задолженоста на граѓаните, за тоа зошто ќе ја продолжи политиката на својот претходник...

Димитар Богов

Димитар Богов

Господине Богов, имајќи го предвид актуелниот економски амбиент во Македонија, кои се приоритетите што си го одредивте по преземањето на гувернерската фотелја во Народната банка на РМ?

Богов: „Приоритетите се дадени во законот, гувернерот нема голем избор. Тоа се одржување на ценовната стабилност и одржување на стабилноста во финансискиот систем. Тие две цели мора да бидат исполнети, потоа може гувернерот и Централната банка да придонесат и за економските политики.

Законот Ви дозволува одредена флексибилност во креирањето на малку поинаков деловен амбиент, или сепак ќе се задржите на политиките на вашиот претходник Гошев?

Богов: „На гувернерот е во тие рамки најдобро да ги исполни овие две цели. Сетот на мерки што му стојат на располагање на гувернерот му овозможува да ги исполни овие цели на најефикасен начин. Вие можете да ја одржувате ценовната стабилност со каматни стапки и од 5, 10, и 20 проценти, меѓутоа оптимални се оние кои ќе ја задржат ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс, а во истовреме нема да наштетат на кредитниот раст, на економскиот раст. Јас ќе тежнеам овие цели, предвидени во законот, да ги исполнам со оптимална каматна стапка. Со оптимални прудентни политики во банкарскиот сектор коишто нема да претставуваат дополнителен товар за банкарскиот сектор.“

Велите дека целта е иста, но дали ќе смените нешто во тактиката?

Богов: „Да, ние остануваме на стратегијата за таргетирање на стабилен девизен курс на денарот и тука нема да правиме промени. Сметаме дека во овој период најдобар начин за одржување на ценовна стабилност е одржување на стабилен курс на денарот.“

Во кој дел би правале промени?

Богов: „Промените ќе бидат во тоа да ги зголемиме капацитетите на Народната банка за економски анализи и проекции, се‘ со цел понавремено да реагираме со мерките на монетарната политика. Тогаш кога треба да затегаме, брзо да реагираме. Да не чекаме да помине тој момент, па потоа да затегаме повеќе отколку што треба во вистинскиот момент. И обратно - да не доцниме, бидејќи секое доцнење и од неколку месеци во релаксирањето, штети на економијата. За тоа треба да ги зголемиме капацитетите на Народната банка.“

Дали со податоците со кои што располагате можете да предвидите дали стабилноста на денарот е загрозена во блиска иднина поради глобалните економски текови?

Богов: „Да, ние може да предвидиме и предвидуваме дека стабилноста на денарот не е загрозена, иако потенцијални ризици постојат. Нашите проценки се дека инфлацијата нема да продолжи да расте, еве податоците од април и мај покажуваат дека трендот на раст е запрен. Сега очекуваме стабилизирање на инфлацијата на ова ниво, а во втората половина на годината и благо намалување, за веќе во почетокот на наредната година таа да се спушти под три проценти. Во прилог на ова одат и очекувањата за движењата на цените на светските пазари, цените на основните прехранбени производи и цените на нафтата.“

Со кои аргументи ја браните и ќе ја продолжите политиката на неменување на курсот на денарот, наспроти тврдењата на некои аналитичари и поголемите извозници дека девалвацијата би претставувала дополнителен импулс за македонската економија?

Богов: „Девалвацијата нема да претставува дополнителен импулс. Економските истражувања во светот покажуваат дека нема доказ оти земји со флуктуирачки курс имаат подобар економски раст од земји со фиксен курс. Курсот зависи од карактеристиките на земјата. Во Македонија имаме висока евроизација, на двете страни - на билансите на банките и кај штедењето на населението и претпријатијата и кај задолжувањето на населението и претпријатијата. Ова значи дека економските субјекти преферираат да штедат и да се задолжуваат во евра, а не во денари. Од овој аспект, промена на курсот би имала штетни последици и за штедењето и за кредитната способност, што потоа би се одразила и врз финансиската стабилност на банкарскиот сектор. Исто така, структурата на македонскиот извоз е таква што евентуална девалвација не би придонесла за зголемување на конкурентноста. Големо е учеството на импутите од увоз, така да во случај на девалвација ќе се зголеми и трошокот на импутите.“

Во каква кондиција го затекнувате банкарскиот сектор?

Богов: „Морам да признаам дека досега не го покривав банкарскиот сектор, многу малку информации имам за индивидуални банки. Во целина, банкарскиот сектор е во доста солидна состојба, солветноста и капитализираноста е доста висока, ликвидноста е солидна и се подобрува, лошите кредити се намалуваат. Секако има простор за подобрување, ние ќе работиме на зголемување на капацитете во склад со Базелските 3 стандарди.“

Ќе поевтинат ли кредитите во 2011?

Богов: „Зависи дали ќе расте штедењето, ние се надеваме и нашите проекции се дека штедењето ќе продолжи да расте во 2011 година. Тоа е еден дополнителен импулс за намалување на каматните стапки, ризиците во економијата се намалуваат, така што ќе има услови за благо намалување на каматните стапки.“

Дали македонскиот граѓанин е презадолжен?

Богов: „Ако ги споредиме податоците задолженоста на македонскиот граѓанин со оние во Европа и во соседните земји, тогаш задолженоста е се‘ уште доста ниска.“

Каква е состојбата кога станува збор за задолженоста на државата?

Богов: „Кога станува збор за задолженоста на државата, треба да разграничиме два факти. Еден е колкава е задолженоста на јавниот сектор, владата, буџетот со фондовите и второто е задолжувањето во целина со приватниот сектор. Долгот на јавниот сектор изнесува околу 18 проценти од БДП, тоа е доста ниска задолженост. Ако се додаде долгот на приватниот сектор, тогаш вкупната задолженост на земјата е 62 процента од БДП. Тука секако треба да се биде внимателен.“

Каква економска година ја очекува Македонија?

Богов: „Нашите проекции се дека закрепнувањето, растот ќе продолжи. Во идната година тоа ќе биде уште поинтензивно. Извозот оди исклучително добро, во првите четири месеци имаме раст од над 40 проценти. Постојат ризици, тоа се главно во економските трендови во ЕУ, која што е наш најголем трговски партнер. Таму растот е добар, но има одредени ризици кои што се поврзани со должничката криза во некои земји од ЕУ.“

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Поврзана содржина